• четврток, 28 март 2024

Ѓоргиев: Има смислени тенденции да се нарушуваат периодите на добри односи меѓу Скопје и Софија

Ѓоргиев: Има смислени тенденции да се нарушуваат периодите на добри односи меѓу Скопје и Софија

Скопје, 8 февруари 2023 (МИА) - Последните случувања во македонско-бугарските односи влијаат и на работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, смета нејзиниот копретседател Драги Ѓоргиев. Вели дека се забележува тенденција односите меѓу Скопје и Софија на одредени периоди циклично да бидат нападнати со цел да се наруши некој краток континуитет од мирен период.

- Не може да останеме ние имуни на тоа што се случува во општеството и сите тие политички потреси, тензии, недоразбирања, дневнополитички препукувања, кои се случуваат циклично во македонско-бугарските односи, и тие несомнено влијаат и на работата на Комисијата. Речиси редовно во сите тие препукувања и политички изјави кои се даваат се спомнува и Комисијата, историјата, се споменуваат темите на кои работи самата Комисија и сето тоа влијае врз атмосферата во самата комисија, изјави Ѓоргиев за „Гласот на Америка“.   

Според него, како да има тенденција да се нарушува континуитетот на мирните периоди во македонско-бугарските односи.

- Очигледно на некого тоа му е потребно и кога ќе трае некој извесен период, тие мирни и добри односи и ќе тргне работата во вистинска насока, се случуваат инциденти, кои очигледно имајќи ја предвид историјата на претходните инциденти, се прават смислено со однапред режирано сценарио. И ова мислам ќе деескалира, ќе се смири ситуацијата, но повторно постојат сили, кои нема да ме изненади, по два месеци, да се случи истото по кој било повод, истакнува Ѓоргиев.

За тоа дали може да се дојде до решение за Гоце Делчев, тој наведува дека за таа тема речиси и да не се дискутира сериозно во поседната година. Смета дека во актуелните услови на заладени односи, со многу висока тензија, многу тешко е Комисијата да работи спокојно и мирно на Гоце Делчев.

- Идејата на заедничко чествување на која било личност не само на Гоце Делчев се базира на тоа уште повеќе да ги смири и релаксира односите меѓу двете држави, да придонесе кон подобро сфаќање на двата народи и на двете општества. И таа е основната идеја не само на нашата комисија, туку и на сите комисии кои работат на ваков начин, односно покрај учебниците имаат како своја агенда и заедничко чествување одредени личности, околу кои постојат различни видувања, меѓутоа тие се споделени историски личности. Во овој момент ситуацијата мислам дека не е таква, која ќе овозможи какво било решение на Комисијата, кое ќе придонесе уште повеќе да се смират односите и да тргнат во вистински правец. Така што мора политичката ситуација, политичките односи меѓу двете држави да бидат на едно високо ниво со цел и Комисијата да постигне одреден напредок, пред сè во однос на тие чувствителни теми како што е Гоце Делчев, вели Ѓоргиев.

Сепак, Ѓоргиев посочува и на она што досега го договориле македонските и бугарските историчари, а тоа е препорака за заедничко чествување меѓу двете држави за Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски и за цар Самуил. Во однос на препораките за учебниците, усвоени се препораки за петти клас во бугарскиот образовен систем и за шестто одделение во македонскиот образовен систем.

Следната средба на заедничката Комисија за историски и образовни прашања е закажана на 16 и 17 февруари во Софија. са/бак/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан