• сабота, 22 февруари 2025

Шукова: На државата и е потребна сеопфатна законска рамка дизајнирана во согласност со ЕУ законодавството за клима

Шукова: На државата и е потребна сеопфатна законска рамка дизајнирана во согласност со ЕУ законодавството за клима

Скопје, 23 март 2023 (МИА) - На Република Северна Македонија првично и е потребна сеопфатна законска рамка дизајнирана во согласност со законодавството за клима на Европската Унија, со која ќе се обезбеди солидна законска основа за стратешко планирање и креирање политики согласно рамката на политиките на ЕУ за клима и енергија со перспектива до 2050 година, нагласи министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова на јавната расправа за нацрт-текстот на Предлог-законот за климатска акција.

Министерката нагласи дека е потребно и воспоставување на законска основа за координирана акција на национално ниво во однос на ублажување и адаптација кон климатските промени, вклучително и транспонирање и спроведување на законодавството за клима на ЕУ и јасно воспоставување на законска основа за утврдување одговорности на институциите и бизнис заедницата, нивните улоги и начинот на размена на информации.

-Во моментот не постојат неопходни регулативни мерки и соодветна институционална поставеност потребна за да се обезбеди усогласување на национално законодавство со законодавството за клима на ЕУ, како и спроведување на регулативни мерки. Постојното законодавство за клима е недоволно и истото е ограничено во својот опсег и цели. Постои неусогласеност особено во однос на транспонирање и спроведување на механизмот за мониторинг и известување кое претставува обврска да биде транспонирано согласно одлуките на министерскиот совет на енергетската заедница и патоказот за декарбонизација, појасни Шукова.

Предлог-законот, додаде таа, прилагодува неколку правни акти на ниво на ЕУ, до степен возможен согласно нашиот статус на земја со отворен процес на полноправна членка во европското семејство.

-Климатската акција е во сржта на европскиот зелен договор, а ние секако се стремиме кон негова имплементација. Тој претставува пресврт во зелените политики на ЕУ и носи со себе пакет мерки од повеќе области. Геенралната цел на зелениот договор е трансформација на ЕУ во модерна, одржлива економија и постигнување на климатска неутралност на ЕУ до 2050 година, рече Шукова. мс/ац/

 

Остани поврзан