• недела, 22 декември 2024

Шукова: Законите треба да бидат применливи и да одговараат на социо-економската состојба во државата

Шукова: Законите треба да бидат применливи и да одговараат на социо-економската состојба во државата

Скопје, 15 февруари 2024 (МИА) - Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова ја отвори панел дискусијата на тема „Еколошка такса за масла - законски обврски за управување со масла и отпадни масла" што во организација на Стопанската комора на Северна Македонија и фирмата Еко Флуид се одржа денеска во Скопје.

На настанот, надлежните релевантни институции дадоа подетални и конкретни информации за примената на Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебни текови на отпад и Законот за управување со дополнителни текови на отпад особено во делот на презентирање на обврските на производителите односно увозниците на масла и масти (освен маслата за ложње и за исхрана).

Генерално законодавството за управување со отпад покрај начелото „загадувачот плаќа“ го воведе и концептот на проширена одговорност на производителот. Со ова законско решение се уредени мерките за заштита на животната средина, кои треба да ги исполнат економските оператори кои се вклучени во животниот циклус на маслата, а посебно на операторите вклучени во системот за собирањето и третманот на отпадните масла.

Министерката Шукова посочи дека со Законот за управување со дополнителни текови на отпад се уредија некои специфични барања и услови за нивно управување.

-Со имплементација на Законот за управување со дополнителни текови на отпад ќе се обезбеди одржливо производство и потрошувачка, систем за собирање, преработка и рециклирање до нивото кое е постигнато во најголемиот број земји на Европската Унија, минимизирање на отстранувањето на отпадните производи како несортиран комунален отпад и еднакви услови за работа на производителите на пазарот, рече министерката Шукова, додавајќи дека со спроведување на овој Закон се обезбедува и подобрување и заштита на здравјето на луѓето и животната средина.

Панел дискусијата беше организирана со цел да се информира за важноста од примената на овие два закона, но и да се слушне мислењето на бизниз заедницата по Предлог измените на Законот за посебни текови на отпад што е во собраниска постапка, со кој на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање е предвидено намалување на надоместот за отпадни масла. Иако е повеќе од јасно, дека во насока на подобра животна средина од исклучителна важност е третирањето на посебните текови на отпад, велат од МЖСПП, сепак законите мора да се применливи и да одговараат на реалната социо-економска состојба. 

Според министерката Шукова, управувањето со отпад и регулирањето на прашањата поврзани отпадот е еден од најголемите предизвици и на Министерството за животна средина и просторно планирање и на државата, а примената на законската регулатива е од суштинско значење.

Панел дискусијата иницираше одговор на прашања поврзани со имплементација на Законот за проширена одговорност на производителот, начинот на пријавување на количините на масла, пресметување на еколошката такса во вкупната цена на производот, за сите законски обврски на производителите и многу други точки поврзани со законските обврски, за кои компаниите во изминатиот период иницираа серија активности. Учесници на панелот беа Ана  Каранфилова Мазневска, раководител на сектор за отпад во Министерство за животна средина и просторно планирање, Сузане Алили, началник на одделение за нетарифни мерки и заштита на правата од интелектуална сопственост - Сектор за акцизи, Царинска Управа на РСМ, Сретен Стојковски, директор на Државен инспектор за животна средина и Георгиј Чурилов, раководител на Сектор за правни и административни работи, Биро за јавни набавки. сст/лв/

фото МЖСПП

 

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан