Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на здружението ЕСТИМА
- Како што соопшти Кабинетот на претседателката, посочувајќи дека организацијата е една од ретките во чиј фокус се надворешната политика и евроинтеграциите, Сиљановска-Давкова оценила дека се потребни што повеќе тинк-тенкови како ЕСТИМА, со научно креирани и аргументирани ставови и предлози коишто ќе се земат предвид при креирањето на надворешната политика.
Скопје, 30 јули 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими Ана Крстиновска, извршна директорка на истражувачката организација ЕСТИМА, како и проектните менаџери Александра Спасовска и Златко Симоновски.
Како што соопшти Кабинетот на претседателката, посочувајќи дека организацијата е една од ретките во чиј фокус се надворешната политика и евроинтеграциите, Сиљановска-Давкова оценила дека се потребни што повеќе тинк-тенкови како ЕСТИМА, со научно креирани и аргументирани ставови и предлози коишто ќе се земат предвид при креирањето на надворешната политика.
Крстиновска ја информираше претседателката дека од 2020 година, организацијата работи на проекти во областа на македонските евроинтеграции и надворешната политика. Била истакната потребата од национална стратегија за надворешната политика и национално единство во нејзината реализација, стои во соопштението.
Во поглед на македонскиот европски пат, соговорниците, се посочува, се согласиле дека очекуваат процесот на интеграција да се спроведе врз основа на Копенхагенските критериуми, со очекување односот кон нас, да се менува во согласност со нашиот напредок во развојот на демократијата и економијата.
Претставниците на ЕСТИМА сметаат дека политичките разговори со Бугарија треба да продолжат, но и да се прошират и на други области од заемен интерес, како економијата, културата, науката, образованието и спортот.
-На средбата тие разговараа и за последниот проект на ЕСТИМА, „How to reach sustainable solutions in bilateral disputes? Contributing to „outside the box“ policy thinking“, којшто ги разработува билатералните спорови и нивното трајно решавање, во којшто се вклучени експерти од Грција, Бугарија, Франција и од Белгија, стои во соопштението. нд/вг/
Фото: Кабинет на претседател