• четврток, 20 февруари 2025

Штрајк на новинарите во Грција

Штрајк на новинарите во Грција

Атина, 18 февруари 2025 (МИА) – Без вести и информативни емисии, од утрово е Грција, поради 24-часовниот штрајк на новинарите организиран од Грчката федерација на новинарски асоцијации во кој учествуваат сите новинарски здруженија, а главното барање е потпишување на колективни договори во сите медиумски сектори, односно телевизии, весници, списанија, интернет, радија, јави дописничката на МИА од Атина.

Штрајкот започна од 5 часот и ќе трае до утре наутро, а во овие 24-часа на телевизиите нема да се емитуваат вести и информативни емисии, а учествуваат и голем дел од информативните портали.

Освен колективни договори, вработените во медиумите бараат и: почетна плата од 1.250 евра во сите медиуми; зголемување на платите за 10 отсто врз основа на последните колективни договори за работа; загарантирана плата за работа за време на викендите (плус 25 отсто и слободен ден за сабота и плус 100 проценти за недела); зголемување на надоместокот за испраќање на терен вон градот каде што се наоѓаат; дневници од 350 евра за испраќање во воени зони и 250 евра во подрачја погодени од елементарни непогоди.

Дополнително, меѓу барањата се и вклучување на етичките принципи во договорите, договор за регулатива за тужбите (anti-slapps); обврзувачки правила за вештачка интелигенција во медиумите; заштита на авторските права на новинарите итн.

Во 24-часовниот штрајк освен приватните медиуми учествуваат и државната телевизија ЕРТ и државната новинска агенција АНА-МПА. ср/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан