• недела, 22 декември 2024

Штрајк на вработените на аеродромот „Брисел Шарлроа“ 

Штрајк на вработените на аеродромот „Брисел Шарлроа“ 

Брисел, 13 септември 2023 (МИА) - Сите денешни летови од и кон аеродромот „Брисел Шарлроа“ се откажани поради штрајк на аеродромскиот персонал. Како што јави дописникот на МИА од Брисел на овој аеродром слетуваат и авионите на директната релација од Скопје до белгискиот главен град. 

Според електронското издание на весникот „Соар“, штрајкот се одржува поради незадоволство на аеродромскиот персонал од преоптовареноста со работа и од работните услови. 

Синдикатите на персоналот на аеродромот Шарлроа соопштија дека за денеска се предвидени разговори со аеродромското раководство, откако вчерашните преговори, на кои учествуваше и валонската министерка за аеродроми Сесил Невен, завршија без договор. 

Претставникот на Синдикатот на работниците, техничарите и вработените во услужните дејности (СЕТКА), Ален Геленс изјави дека не се оптимисти околу усогласување на конкретни решенија за проблемите што ги мачат работниците, но дека ќе продолжат со преговорите. 

Според Карл Јерно од синдикатот Национална централа на работниците (ЦНЕ), станува збор за проблеми поврзани со условите за работа и „агресивниот однос“ на менаџментот, на кои синдикатите укажува веќе неколку месеци. 

- Работниците не бараат повеќе пари, туку работни услови кои ќе ја гарантираат нивната благосостојба на работното место, изјави Јерно. 

Целта на денешните разговори е да биде прекинат штрајкот и од утре аеродромот да биде ставен во нормална функција. сп/

Фото: Аеродром Брисел Шарлроа

Остани поврзан