• понеделник, 18 ноември 2024

Што носат правилата на ЦЕФТА за електронска трговија за економијата и граѓаните

Што носат правилата на ЦЕФТА за електронска трговија за економијата и граѓаните

Во светот на дигитализацијата, интернет трговијата доживеа просперитет. Само неколку клика нè делат од бројните придобивки што ги нуди онлајн пазарот – почнувајќи од широк избор на производи и услуги, заштеда на време, но и пари. Но, иако на прв поглед сè изгледа едноставно, зад сцената често се кријат комплексни процедури кои можат да ја забават размената и да го продолжат патот на стоките и услугите до крајните корисници, се наведува во соопштението. „Сето тоа го имаа на ум претставниците на ЦЕФТА за време на подготовката на Одлуката за олеснување на електронската трговија. Станува збор за документ кој го чека зеленото светло од Заедничкиот комитет на ЦЕФТА, а кој, доколку биде усвоен, ќе донесе бројни олеснувања при е-трговијата и ќе потврди дека сме чекор поблиску до европските стандарди“, изјавија тие за овој трговски договор.

Промена на пејзажот на е-трговијата во регионот Стандардизацијата на правната рамка, како што велат, е основната цел на Одлуката за олеснета е-трговија. На тој начин, ЦЕФТА целосно би го променила пејзажот на е-трговијата во регионот, не само преку намалување на административните пречки и олеснување на движењето на стоките и услугите, туку и преку подобрување на заштитата на потрошувачите. „Со овој документ се стремиме кон создавање на поедноставно, потранспарентно и побезбедно дигитално пазариште, кое ќе поттикне понатамошен раст на е-трговијата, ќе ја зголеми конкуренцијата и ќе донесе придобивки и за потрошувачите и за економиите во регионот“, се додава во соопштението.

Што носи одлуката за граѓаните и економијата? Одлуката за е-трговија на ЦЕФТА, како што се истакнува во соопштението, има далекусежни последици кои ги засегаат и животите на потрошувачите и на компаниите. „Граѓаните пред сè добиваат широк избор на производи и услуги кои се достапни со еден клик. Земете за пример дека се наоѓате во Македонија и сакате да тргувате на е-трговска платформа во Србија, Босна и Херцеговина или пак Црна Гора. Одлуката на ЦЕФТА ќе ви овозможи да го направите тоа со леснотија и сигурност, знаејќи дека вашите права како потрошувач се заштитени и дека нема да бидете оптоварени со непотребна бирократија“, велат од ЦЕФТА. Одлуката не е важна само за потрошувачите, туку, како што појаснија, и за компаниите. „Замислете еден македонски производител кој сега лесно може да ја прошири својата понуда на сите земји членки на ЦЕФТА. Со усогласените правила на е-трговијата, бизнисот се шири, расте локалната економија, се отвораат нови работни места, а сето тоа без дополнителни административни пречки. Притоа, компаниите работат според правилата на својот домашен пазар, што целиот процес го прави поедноставен“, се истакнува во соопштението.

Безбедна и доверлива интернет трговија Заштитата на потрошувачите е во фокусот на Одлуката за олеснета е-трговија, се наведува во соопштението, и се додава дека станува збор за поставување на заеднички стандарди усогласени со правилата на Европската унија, кои ја прават онлајн купопродажбата безбедна и доверлива.

„Кога тргувате на интернет, веб-страниците мора да ги задоволуваат стандардите за транспарентност и безбедност, обезбедувајќи јасни информации за продавачот, цените, условите за продажба. Одлуката исто така предвидува и право да ја откажете купопродажбата во рок од 14 дена без плаќање на пенали и да добиете поврат на парите. Испораката мора да биде извршена во рок од 30 дена, освен ако не е поинаку договорено, а ризикот од загуба или оштетување преминува на вас дури кога ќе ја примите стоката“, се наведува во соопштението. Одлуката на ЦЕФТА за е-трговија не е само уште една бирократска иницијатива. Тоа, како што истакнаа, е промена која ги отвора вратите кон подинамичен и повеќе поврзан дигитален пазар. „Без разлика дали сте потрошувач во потрага по поголем избор на интернет опции, претприемач кој сака да го прошири бизнисот, или економија која се стреми кон дигитален напредок, оваа одлука носи огромни придобивки. Кога ќе биде усвоена, ЦЕФТА ќе ги отвори вратите кон единствениот пазар на ЕУ, сигнализирајќи посветеност на транспарентноста, ефикасноста и усогласувањето со европските стандарди“, се заклучува во соопштението.

MИА - ОТС Комерцијални соопштенија

Напомена: Оригинален текст. За содржината е одговорен нарачателот.

 

Остани поврзан