• недела, 05 мај 2024

Штипскиот Музеј изготви проект за локалитетот Кале кај Крупиште

Штипскиот Музеј изготви проект за локалитетот Кале кај Крупиште

Штип, 24 мај 2023 (МИА) - Во депото на штипскиот Музеј се чува каменот на коj се испишани букви од глаголицата, што  чека да се конзервира, како и црквата што е истражена пред две години на локалитетот Кале, кај селото Крупиште на 20 километри од Штип.

Директорот на Заводот за заштита на споменици и Музеј на град-Штип, Митко Штерјов вели дека имаат изготвено проект како овој локалитет што се простира на површина од осум хектари да биде достапен за туристите. Посочува дека средства за реализација на проектот, освен од ресорното министерство, ќе бараат и од фондации. Месното население сведочи дека туристи доаѓаат, но без соодветна сигнализација тешко може да се најде и да се пристигне до него, бидејќи се наоѓа во поле со оризни ниви.

- Значи овде се повеќе од десеттина цркви во  еден мал простор, меѓутоа оваа истражената е најспецифична. Кога ќе се конзервира и ќе се искомбинира со туристичка понуда тогаш ќе бидеме поатрактивни. Во овој момент ние и да сакаме да презентираме не можеме, таква е состојбата, тоа се оризови полиња, вели Штерјов. 

Штерјов нагласува дека се уште со сигурност не може да се потврди дали на локалитетот Кале кај селото Крупиште се напишани буквите аз, буки, веди, дел од првата словенска азбука глаголицата од страна на Кирил, а неговиот брат Методиј бил епископ во градот Равен. Археолошките истражувања на Блага Алексова пред 39 години, но и од пред две години на штипските археолози потврдуваат дека на овој локалитет писменоста постоела. вдј/цр

Фото: МИА

Остани поврзан