• недела, 22 декември 2024

Шпанците денеска гласаат на предвремени парламентарни избори што може екстремната десница да ја вратат на власт

Шпанците денеска гласаат на предвремени парламентарни избори што може екстремната десница да ја вратат на власт

Мадрид, 23 јули 2023 (МИА) - Шпанците денеска гласаат на предвремени парламентарни избори, на кои одлучуваат дали ќе дадат нова шанса да владеат со социјалистите, на чело со актуелниот премиер Педро Санчез, или ќе и дадат доверба на десницата, на чело со Алберто Нуњез Фејхо, пренесоа светските агенции.

Анкетите на јавното мислење од минатиот понеделник предвбидуваат речиси сигурна победа на десничарската Народна партија на Фејхо. Но, последните анкети беа објавени, како што налага законот, пет дена пред гласањето, што ги прави анкетарите претпазливи. Не се знае за кого во последен момент ќе одлучат да гласаат оние Шпанци кои на почетокот на минатата недела рекоа дека се уште се неопределени, секој петти гласач.

Два и пол милиони граѓани со право на глас веќе гласаа по пошта. Право на глас имаат вкупно 37,5 милиони Шпанци.

Целта на Фејхо на овие избори е освојување 176 места во Долниот дом на парламентот, со што би добил апсолутно мнозинство. Но, анкетите покажуваат дека за таа цел тој мора да побара поддршка од друга политичка сила. А најверојатно тоа ќе биде партијата на екстремната десница Вокс, што се појави пред 10 години како резултат на расколот во редовите на Народната партија.

Народната партија и Вокс веќе склучија договор за владеење во неколку места во земјата, по локалните избори на 28 мај. Но, ова ја става Народната партија во непријатна позиција, бидејќи Вокс не крие кои се нејзините приоритети, имено негирање на климатските промени, отфрлање на поимот родово засновано насилство, отфрлање на се што е трансродово, тврда линија за имиграцијата. 

Лидерот на Вокс, Сантијаго Абаскал, исто така, веќе го предупреди Фејхо дека цената на поддршката на неговата партија за Народната партија во парламентот ќе биде учество во идната влада. И ова ќе го означи враќањето на екстремната десница на власт во Шпанија речиси половина век по крајот на франкоистичката диктатура.

Истовремено, поранешниот премиер Педро Санчез и неговите социјалисти се обидоа да го направат стравот од доаѓањето на Вокс на власт главен аргумент на нивната изборна кампања.

Единствената алтернатива на можната влада на Народната партија и Вокс е зачувувањето на моќта на сегашната левичарска коалиција формирана во 2020 година меѓу социјалистите и радикалната левица, која, сепак, повеќе не е отелотворена од Подемос. Таа партија беше апсорбирана и заменета оваа година со коалицијата Сумар, предводена од поранешната министерка за труд Јоланда Дијаз, која е комунистка и позната како многу прагматична.

Сепак, според социолозите, мали се шансите социјалистите, поддржани од другите леви партии, да останат на власт.

Ако се работи за парламент без апсолутно мнозинство, за неколку месеци може да има нови избори, што би претставувало голем ризик за државата. сд/

 

 

Остани поврзан