• среда, 21 мај 2025

Шмихал: Се надевам дека договорот со САД за минерали ќе биде потпишан во следните 24 часа

Шмихал: Се надевам дека договорот со САД за минерали ќе биде потпишан во следните 24 часа

Киев, 30 април 2025 (МИА) – Премиерот на Украина, Денис Шмихал, денеска изрази надеж дека договорот за минерали меѓу владите на Украина и Соединетите Американски Држави ќе биде потпишан во следните 24 часа.

- Веќе ги финализираме последните детали со нашите американски колеги. Навистина, ова е стратешки договор за создавање инвестициски фонд, партнерски фонд. Штом се финализираат сите последни детали, во блиска иднина, се надевам, во следните 24 часа, договорот ќе биде потпишан и соодветно на тоа ќе го добиеме првиот чекор, рече тој.

Шмихал додаде дека станува збор за „рамноправен, добар“ меѓународен договор за заеднички инвестиции во развојот и обновата на Украина со владата на САД, пренесува Укринформ.

Тој исто така потврди дека украинската министерка за економија, Јулија Свириденко, е на пат кон Вашингтон за потпишување на договорот.

И Блумберг претходно јави дека Украина е подготвена да потпише договор за природни ресурси со Соединетите Американски Држави, што можеби ќе се случи уште во текот на денешниот ден.

Нацрт-договорот, кој предвидува создавање заеднички фонд за управување со украинските инвестициски проекти, е финализиран и би можел да биде потпишан уште денеска, а украинската министерка за економија Јулија Свириденко е на пат кон Вашингтон за потпишување, рекле извори.

Во рамките на договорот, САД и Украина ќе настојуваат да создадат услови за „зголемување на инвестициите во рударството, енергетиката и сродните технологии во Украина“, според нацрт-документот во кој Блумберг имал увид.

Вашингтон исто така се согласи со договорот да не ги попречува напорите на Украина за приклучување кон Европската унија, што долго се сметаше за црвена линија за Киев во преговорите.

Истовремено, САД се согласија дека само идната воена помош што можеби ќе ја пружат на Украина по потпишувањето на договорот ќе се смета како придонес на Вашингтон во овој фонд, се наведува во документот.

Украинскиот премиер Денис Шмихал во неделата изјави дека Вашингтон се откажал од инсистирањето во договорот да бидат вклучени десетици милијарди долари помош испорачана од почетокот на руската инвазија.

Договорот „го зајакнува стратешкото партнерство меѓу страните за долгорочна реконструкција и модернизација на Украина, како одговор на големите разурнувања предизвикани од руската инвазија“, се наведува во документот.

Два други технички договори кои ќе одредат како ќе функционира заедничкиот фонд допрва треба да бидат финализирани, рекол изворот.

Американски и украински официјални лица потпишаа меморандум за намери претходно во април и продолжија да ги разработуваат техничките детали на договорот, а последниот обид да се постигне договор пропадна по расправата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателот на САД Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс во Овалната соба. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан