Шефот на хрватската дипломатија и се пожали на Калас дека на некои хрватски граѓани им се забранува влез во Србија
- Грлиќ Радман изјави дека тоа го сторил бидејќи „слободата на движење е една од основните слободи во ЕУ“ и дека се работи за „европски вредности, а тука станува збор и за соседна земја – кандидат за членство во Европската Унија“.
Загреб, 3 јули 2025 (МИА) – Хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, ја информираше високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, дека на хрватски државјани им се забранува влез во Србија.
Грлиќ Радман изјави дека тоа го сторил бидејќи „слободата на движење е една од основните слободи во ЕУ“ и дека се работи за „европски вредности, а тука станува збор и за соседна земја – кандидат за членство во Европската Унија“.
Тој посочи дека од август минатата година на околу 50 хрватски државјани им бил забранет влез во Србија или им било ускратено правото на престој, а некои биле и протерани, со образложение дека претставуваат наводна безбедносна закана.
Претходно денеска, хрватското МНР препорача хрватските граѓани да ги одложат сите непотребни патувања во Србија и да бидат повнимателни и информирани за состојбата.
„На 27 јуни, ден пред големиот протест во Србија, 14 хрватски државјани на помлада возраст – најверојатно студенти – не беа пуштени да влезат во земјата. Иако официјално објаснување немаше, граничните полицајци неофицијално изјавиле дека се сомневаат оти лицата сакале да учествуваат на протестот“, изјави Грлиќ Радман.
Тој додаде дека новата препорака се дава „во светло на ваквите несоодветни и неосновани постапки на српските власти“ и со оглед дека „хрватските државјани очигледно и понатаму планираат да патуваат (во Србија), но сакаме да ги предупредиме да одложат сите непотребни патувања“, пренесува агенцијата Хина. ссм/
фото: архива