• понеделник, 18 ноември 2024

Шефот на германската одбрана го спореди Путин со Хитлер

Шефот на германската одбрана го спореди Путин со Хитлер

Берлин, 11 април 2024 (МИА) - Германскиот министер за одбрана Борис Писториус ја спореди војната на рускиот претседател Владимир Путин против Украина со анексијата на територијата на Чехословачка од страна на Адолф Хитлер во 1938 година и порача дека Европа треба да се подготви за руски напад од големи размери.

- Путин нема да запре откако ќе заврши војната против Украина, рече Писториус доцна синоќа на промоцијата на новата книга за британскиот воен водач Винстон Черчил.

„Тој тоа и многу јасно го кажа“, додаде Писториус, кој е член на Социјалдемократската партија на канцеларот Олаф Шолц и најпопуларен политичар во Германија. „Исто јасно како Хитлер, кој исто така секогаш велеше дека нема да запре“.

Министерот за одбрана, кој се смета за можен наследник на Шолц, минатата недела повика на олабавување на ограничувањата за задолжување на Германија со цел да се помогне во зајакнувањето на војската на земјата откако ќе се исцрпи специјалниот вонбуџетски фонд вреден 100 милијарди евра во 2027 година.

„Мораме да ја вратиме оваа земја во позиција каде што може да се брани“, рече Писториус. „Треба да одлучиме сега дали сакаме да се подготвиме за остварување на вистинската закана од Путин или дали сакаме да му олесниме“. ссм/

Остани поврзан