• недела, 22 декември 2024

Шекеринска - Џејмс Хипи: Северна Македонија и Обединетото Кралство ја интензивираат соработката во одбраната

Шекеринска - Џејмс Хипи: Северна Македонија и Обединетото Кралство ја интензивираат соработката во одбраната

Скопје, 14 април 2021 (МИА) - Односите во одбраната и напредокот што го направи Северна Македонија на планот на оперативното интегрирање во НАТО кое се одвива во тесна соработка со британските вооружени сили, биле теми на денешниот телефонски разговор на министерката за одбрана Радмила Шекеринска со министерот на Вооружените сили на Обединетото Кралство, Џејмс Хипи.

Шекеринска изразила благодарност за поддршката во развивањето на нашите одбранбени капацитети и военото интегрирање во Алијансата. Таа посочила дека пандемијата од друга страна создаде и нови потреби и видови на соработка бидејќи вирусот не може да се искорени се додека масовното вакцинирање е достапно само во поединечни земји.

- Тоа е можно само преку вакцинација и солидарност во распределбата на вакцините за да можат сите држави да го спроведат процесот на имунизација. И затоа сметам дека солидарната распределба на вакцини е од клучно значење за да ја победиме заканата што ја предизвика вирусот, истакнала Шекеринска.

Министерката во телефонскиот разговор изразила и сочувство до британскиот министер по повод смртта на Војводата од Единбург и сопруг на Кралицата Елизабета, Принц Филип.

Британскиот министер Џејмс Хипи се осврнал на успешната одбранбена соработка меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство и предложи таа понатаму да се развива во повисоки форми од значење за борбената готовност и натамошно јакнење на нашите одбранбени и оперативни капацитети. Во дискусијата на двајцата министри стана збор и за меѓународното присуство во Авганистан како и за најновите случувања на границата меѓу Русија и Украина, соопшти Министерството за одбрана.фф/са/

Остани поврзан