• петок, 22 ноември 2024

Шведска ја затвора истрагата за експлозиите на гасоводите Северен тек 1 и 2

Шведска ја затвора истрагата за експлозиите на гасоводите Северен тек 1 и 2

Стокхолм, 7 февруари 2024 (МИА) - Шведските власти денеска ја објавија својата одлука да ја затворат истрагата за експлозиите во септември 2022 година на гасоводите Северен тек 1 и 2, преку кои се транспортира руски гас во Германија, бидејќи немаат надлежност.

„Заклучокот од истрагата е дека Шведска нема јурисдикција и затоа истрагата треба да се затвори“, соопшти денеска шведското Обвинителство.

Покрај Шведска, истрага за експлозиите водат и Данска и Германија. Јавниот обвинител Матс Љунгквист од шведското обвинителство во соопштение рече дека „истрагата била систематска и темелна“.

- Германската истрага продолжува и поради тајноста која владее во меѓународната правна соработка, не можам дополнително да коментирам за соработката што е остварена. Исто така, нема да можам дополнително да коментирам за заклучоците од шведската истрага или да коментирам за сите осомничени во шведската истрага, рече Љунгквист.

Тој додаде дека имал добра соработка со истрагата што ја водат германските власти.

Северен тек 1 и 2, два гасоводи поставени паралелно под Балтичкото Море, директно ги поврзуваа најголемиот производител на гас, Русија, и најголемиот европски клиент, Германија.

Подморската експлозија го прекина Северен тек 1 и го оштети Северен тек 2, кој никогаш не профункционира бидејќи Германија го суспендираше процесот на сертификација непосредно пред Русија да ја нападне Украина во февруари 2022 година.

Освен геополитичкото влијание, истекувањето на гасоводот „Северен тек“ беше огромна еколошка катастрофа со погодени локални диви животни и огромни количества метан ослободени во Балтичкото Море, што аналитичарите веруваат дека може да биде најголемото ослободување на метан од човекова активност. ссм/

фото: архива

Остани поврзан