• недела, 19 мај 2024

Шведската амбасадорка се сомнева дека судските и политички актери се свесни колку одблизу ЕУ ја следи работата во владеење на правото

Шведската амбасадорка се сомнева дека судските и политички актери се свесни колку одблизу ЕУ ја следи работата во владеење на правото

Скопје, 7 јуни 2023 (МИА) – Искрено се сомневам дека судските и политички актери се свесни колку одблизу ЕУ ја следи работата во областа на владеење на правото, порача шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаин, нагласувајќи дека е неопходна искрена посветеност од сите засегнати страни во борбата против корупцијата и дека не постои скратен пат кон ЕУ. 

Еднакво, нагласи Џаин, и ЕУ треба да испорача кога земјите кандидати ќе ги исполнат критериумите. 

- Шведска останува посветен партнер на Северна Македонија, на нејзиниот пат кон ЕУ, изјави амбасадорката, на отворањето на дискусијата „Мониторинг на владеењето на правото за земјите-членки на ЕУ и кандидатите: Премостување на јазот“ што се одржа денеска во Скопје во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ). 

Фундаменталните вредности се особено важна тема, нагласи Џаин, знаејќи, како што рече, дека моментално „во земјава сме фокусирани на други чекори кои се потребни да продолжи на патот кон ЕУ“.

Според Џаин, геополитичката реалност даде импулс на процесот на проширување на исток, но и исто така и на Балканот и дека ЕУ моментумот е мошне значајна околност.  

- Постои моментум за членството на вашата земја во ЕУ, со геополитичката реалност со руската агресија во Украина. Северна Македонија е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Заедно стоиме на правилната страна на историјата, изјави Џејн. 

Борбата против корупцијата и останатите димензии од владеењето на правото, нагласи Џаин, се фундаментални вредности на членството во ЕУ, со кои почнува и завршува процесот на пристапување.

- Северна Македонија презема значителни чекори во борбата против корупцијата, но сепак се уште постојат значителни пречки на патот. Потребна е поструктурирана и системска борба против корупцијата во земјата. Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси се уште останува да биде целосно применет, како и Националната стратегија и акционен план. Друг клучен елемент за владеење на правото во Северна Македонија е да се обезбедат независноста, компетентноста и соодветни ресурси за судството, изјави Џаин. 

Зголемувањето на транспарентноста, според шведската амбасадорка, исто така, е особено важно, со акцент, како што кажа, на трошењето на јавните средства. аа/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан