• понеделник, 25 ноември 2024

Членките на ЕУ се согласија за заеднички став за миграцијата и азилот

Членките на ЕУ се согласија за заеднички став за миграцијата и азилот

Луксембург, 9 јуни 2023 (МИА) - Министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ се договорија за заеднички став за два клучни законски предлози за миграција и азил, објави шведската министерка за миграција Марија Малмер Стенергард.

Договорот е постигнат доцна синоќа, по целодневните преговори во Луксембург.

Министрите усвоија заеднички став за Регулативата за управување со азил и миграција и Регулативата за процедури за азил, клучни делови од Пактот за миграција и азил, за кои земјите членки неуспешно преговараат со години.

По изгласувањето на заедничкиот став на земјите-членки, следуваат преговори со Европскиот парламент. Целта е целиот пакет законски предлози за миграција и азил да биде усвоен пред изборите за Европскиот парламент во јуни следната година.

„Овие предлози ги претставуваат двата главни столба на реформата на системот за азил и се клучни за рамнотежата помеѓу одговорноста и солидарноста“, соопшти шведското претседателство.

Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон оцени дека тоа е „големо достигнување за Европа“.

Таа рече дека е оптимист за преговорите со Парламентот. „Ни остануваат уште неколку чекори додека не го завршиме целосно, но мислам дека е јасно дека постигнавме огромен напредок кога станува збор за градењето доверба“,изјави Јохансон.

Европскиот систем за азил пропадна пред осум години, откако повеќе од еден милион луѓе влегоа во Европа, повеќето бегајќи од конфликтот во Сирија и ги преплавија прифатните капацитети во Грција и Италија, што предизвика една од најголемите политички кризи во ЕУ.

Оттогаш, меѓу 27-те членки на ЕУ се води дебата за тоа кои земји треба да преземат одговорност за луѓето кои пристигнуваат без дозвола и дали другите членки треба да бидат обврзани да им помогнат.

На вчерашната средба не сите земји го поддржаа планот, но за поддршка беше потребно само „квалификувано мнозинство“, приближно две третини од земјите-членки каде што живеат околу две третини од вкупното население на ЕУ од околу 450 милиони луѓе.

Како што пренесуваат агенциите, Чешка побара да биде изоставена од мигрантската „клаузула за солидарност“ поради бројот на бегалци што веќе ги прифаќа од Украина. Малта беше воздржана, но приговорите на Италија и Грција, кои беа најтешко погодени во минатото, беа надминати во последната рунда преговори.

Стенергард рече дека е усвоен предлогот на Шведска за систем според кој земјите кои не сакаат да примаат мигранти би можеле да плаќаат. Тоа би изнесувало 20.000 евра (21.400 долари) по мигрант. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан