• понеделник, 23 декември 2024

Членките на Г7 договорија заем за Украина од 50 милијарди долари од замрзнати руски средства

Членките на Г7 договорија заем за Украина од 50 милијарди долари од замрзнати руски средства

Бари, 13 јуни 2024 (МИА) - На отворањето на Самитот на Г7 што почна денеска во одморалиштето Борго Ењација во јужниот италијански регион Пуља, е постигнат договор за предлогот на САД за поддршка на заем од 50 милијарди долари за Украина со користење на замрзнати руски средства.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони ги поздрави шефовите на државите-членки на Г7, велејќи дека сака пораката на состанокот да биде дијалог со глобалниот југ и единство.

Италија, која е домаќин на самитот, покани неколку африкански лидери, меѓу кои алжирскиот претседател Абделмаџид Тебун, кенискиот претседател Вилијам Руто и тунискиот претседател Каис Саид, за да се унапреди италијанската иницијатива за развој и миграција на континентот.

Меѓу другите гости се украинскиот претседател Володимир Зеленски, бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, индискиот премиер Нарендра Моди и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Американскиот предлог вклучува планирање заем од 50 милијарди долари за помош на Украина во борбата против Русија, кој ќе користи камата заработена од добивката од замрзнатите средства на руската централна банка, од кои повеќето се чуваат во Европската унија.

Покрај овој договор, британскиот премиер Риши Сунак најави и до 242 милиони фунти помош за Украина за хуманитарни, енергетски и стабилизациски потреби. рп/ 

Фото: ЕПА

Остани поврзан