Чешка ѝ испорачува нова муниција на Украина и најавува проширена обука за пилоти
- Чешка ќе ја прошири програмата за обука на украински воени пилоти и ќе продолжи со испораките на муниција за Украина, изјави чешкиот премиер Петр Фијала по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Прага.
Прага, 5 мај 2025 (МИА) - Чешка ќе ја прошири програмата за обука на украински воени пилоти и ќе продолжи со испораките на муниција за Украина, изјави чешкиот премиер Петр Фијала по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Прага.
Посетата на Зеленски на чешката престолнина е дел од неговите напори да ги обедини европските партнери на Украина во период кога САД се обидуваат да договорaт прекин на огнот со Русија.
Чешка, која е меѓу најгласните поддржувачи на Украина, предводи иницијатива за набавка на муниција за Киев, со финансиска поддршка од западни сојузници. Минатата година Прага ѝ достави на Украина околу 1,5 милиони гранати.
Фијала денеска изјави дека од почетокот на 2025 година Украина веќе добила над половина милион гранати, а тој и Зеленски заедно со чешкиот претседател Петр Павел објавија дека до крајот на годината Киев може да добие вкупно 1,8 милиони.
На заедничката прес-конференција со Зеленски, Фијала изјави дека добро вооружена Украина е најдобрата гаранција за безбедноста на Европа. Тој додаде дека Чешка ќе ја прошири обуката за украинските пилоти, вклучително и за управување со борбени авиони Ф-16, иако не објави детали.
Иако Чешка не располага со Ф-16, таа ѝ обезбеди на Украина симулатори за обука на пилоти за хеликоптери, наведува Ројтерс.
Зеленски го поддржа формирањето украинско-чешка школа за обука на пилоти на Ф-16. - Подготвени сме да го реализираме овој проект што е можно поскоро, рече украинскиот претседател.
На почетокот од посетата во Прага, Зеленски изјави дека секој момент е можно да биде објавен прекин на огнот со Русија. Тој ги повика западните сојузници на поголем притисок врз Москва и додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп се согласил дека 30-дневен прекин на огнот е правилен чекор кон завршување на војната. ссм/
фото: ЕПА