• недела, 22 декември 2024

Четворица загинати и еден исчезнат при експлозија во станбена зграда во Антверпен 

Четворица загинати и еден исчезнат при експлозија во станбена зграда во Антверпен 

Брисел, 14 јуни 2024 (МИА) – Четири лица загинаа, а едно се води како исчезнато при експлозија што се случи минатата ноќ во станбена зграда квартот Хобокен во јужниот дел на белгискиот град Антверпен. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, меѓу загинатите се 10-годишно девојче, 47-годишна жена и двајца мажи на возраст од 44 и 53 години. 

Причините за експлозијата се уште не се утврдени, не се претпоставува дека таа е предизвикана од дефект во системот за гас, поради што на местото на инцидентот се присутни и претставници на компанијата „Флувиус“, која стопанисува со мрежата за дистрибуција на гас. 

Според локалната полиција, при експлозијата се повредени пет лица, од кои три посериозно, а две минале со полесни повреди. Двајца од потешко повредните се наоѓаат на интензивна нега. 

Потрагата по исчезнатото лице продолжува, но таа е отежната поради нестабилноста на оштетената зграда. 

- Навистина сакаме да бидеме сигурни дека повеќе нема никој во зградата, изјави за „Соар“ портпаролка на локалната полицијата, додавајќи дека од таа причина службите за итни интервенции не размислуваат за прекин на потрагата. 

Околу зградата е воспоставен безбедносен периметар, а сите нејзини жители, како и станарите на околните станбени објекти се евакуирани и сместени кај роднини и пријатели или во прифатни центри. 

Местото на експлозијата денеска го посетија и кралот Филип, белгиската министерка за внатрешни работи Анелис Верлинден и градоначалникот на Антверпен, Барт Де Вевер. сп/

Фото: ЕНР/Белга

Остани поврзан