• недела, 22 декември 2024

Честитка по повод 11 Октомври од претседателот на СПМ Љупчо Димовски

Честитка по повод 11 Октомври од претседателот на СПМ Љупчо Димовски

11 октомври 2023 

Почитувани, 
Во мое лично име и во име на членовите на Социјалистичката партија на Македонија на македонскиот народ и на сите граѓани на Република Македонија им го честитам државниот празник 11-ти Октомври, Денот на народното антифашистичко востание, симболот на непокорот и слободарскиот дух на македонскиот народ.


Одбележувајќи 83 години од почетокот на востанието и народно ослободителната револуционерна борба против фашизмот ние македонските социјалисти им изразуваме почит на сите храбри борци и херои што се жртвуваа за слободна и самостојна Македонија.


11-ти Октомври е камен темелникот на новата Македонска држава.
Со четиригодишната народно-ослободителна и револуционерна епопеја македонскиот народ во Втората светска војна го оствари многу вековниот сон за создавање своја држава. На 11-ти Октомври македонскиот народ со своето слободарство и праведност се приклучи на страната на прогресивните антифашистички и победнички нации.


На овој ден се потсетуваме на сите жртви и на паднатите борци во НОВ 1941-1945 година и на нивниот завет да го сочуваме највредното за што тие се изборија, да ја чуваме сувереноста и независноста на Татковината со постојана бора и работа за нејзина подобра и посветла иднина.


Почитувани Македонци, граѓани на Македонија,
Македонија денес повторно се соочува со предизвиците за кои се сметаше дека се оставени длабоко во минатото, иако ние подолго време предупредувавме на нив.
Денес на нашата држава и народ повторно им се закануваат сили кои го оспоруваат нашето величенствено минато, нашето име, идентитет, јазик, култура и нашето постоење како засебен народ. 
Се негира сè што е наше македонско, а тоа се доведува во прашање од надвор, но и од внатрешни центри кои недоволно јасно ја согледуваат тешката состојба која токму тие со својата непромисленост, заслепени од желбата за власт и вербата во нереалните и лажни ветувања ја имаат создадено.
Затоа денес уште повеќе и уште поголемо е значењето на 11 Октомврскиот голем исчекор на македонскиот народ кон големата победа кој треба дополнително да не мотивира на сплотеност, единство, цврстина и одлучност во одбрана на македонските национални и државни интереси.


Ние денес не бараме ништо повеќе освен сочувувување и заштита на нашата посебност, нашето право на самостојност, правото на тоа да сме такви какви што сме, како и за сите други така и за нас, право на остварување на нашата определба во градењето на нашата држава како демократска, праведна и социјална, со општество кое ќе внимава и ќе се грижи за секој граѓанин.


Ние македонските социјалисти, како многу пати низ историјата, ве повикуваме да ни се придружите во големиот сојуз со народот. Затоа што мораме сите одлучно, на ист начин како што тоа во 1941-та година со своето херојство го сторија нашите претци со извојување на слободата, силно да го изразиме нашиот отпор започнувајќи ја демократската борба за враќање на државата на народот и за повторното ослободување на Македонија. Нашата генерација има долг кон македонските борци, имаме обврска кон нашите современици и поколенија, за да го оправдаме минатото, но не и да ја изневериме иднината.


Нека ни е честит и вековит 11-ти Октомври, Денот на народното востание на македонскиот народ!


Љупчо Димовски,
Претседател на Социјалистичка партија
на Македонија

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан