„Часови без часовник“ и „Џез, буки, веди“ – за крај на второто издание на „Видик“
- Второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“ ќе биде затворено вечерва во 20 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, со промоција на сонетниот венец „Часови без часовник“ од Владимир Мартиновски. Книгата е во издание на „Арс Ламина“.

Скопје, 16 април 2025 (МИА) - Второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“ ќе биде затворено вечерва во 20 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, со промоција на сонетниот венец „Часови без часовник“ од Владимир Мартиновски. Книгата е во издание на „Арс Ламина“.
Книгата ќе ја претстават Оливера Ќорвезироска и Анастасија Ѓурчинова. На настанот ќе има поетско читање со Биљана Стојановска и Мартиновски, како и изложба на негови слики кои се дел од оваа книга.
„Часови без часовник“ не е обична книга – тоа е изблик на бои, облици, зборови и значења. Ова ретко библиофилско издание, во кое текстот е преплетен со интензивно обоени дигитални графики, нуди уникатно читателско доживување со сите сетила. Во книжевна смисла, тоа е поетско дело составено од четиринаесет сонети со по четиринаесет стиха, поврзани во сонетен венец според прешерновско-петраркистичкиот модел.
Во продолжение ќе се одржи музичкиот настан „Џез, буки, веди“ на „Јани Костурски квартет“. Во составот настапуваат Јани Костурски, Филип Димишковски, Зоран Павловски и Павел Ренџов, а специјален гостин ќе биде Трајче Велков. „Џез, буки, веди“ е уникатен музички проект во кој, низ звуците на џез-стандардите, ќе се проткаат текстови на македонски јазик – нови, лирски видувања на познати џез-теми, првпат изведени со македонски текстови.
Фестивалот „Видик“, кој се одржа од 2 до 16 април годинава, во организација на „Литература.мк“, претстави иновативен спој на различни културни области, отворајќи нови културни видици и давајќи силна поддршка на авторите од сите сфери на културата.
Фестивалот имаше и хуманитарен карактер – средствата од продажбата на билети за музичките и театарските настани ќе бидат наменети за настраданите во несреќата во Кочани. дма/сст/
Фото:Плакат