„Панукла сесии“, нов концертен серијал на АКСИОМА стартува во Скопје
- Од продукциската и уметничка платформа АКСИОМА произлегува нов концертен серијал насловен „Панукла сесии“, замислен како простор за средби на музичари кои истражуваат слободни, разиграни и жанровски неограничени музички изрази
Скопје, 5 април 2026 (МИА) - Првото издание ќе се одржи на седми април 2026 година (вторник), со почеток во 21 часот, во клубот Котур. Цената на влезницата изнесува 300 денари.
На концертот ќе настапат американскиот гитарист Сер Ричард Бишоп и македонско-дијаспорското дуо Делиниколов/Лукаш.
Американскиот музичар Ричард Бишоп, роден во Сагино, Мичиген, е познат како еден од основачите на влијателниот андерграунд бенд Sun city girls, формиран во 1981 година во Феникс, Аризона. Бендот стекнал култен статус благодарение на својата неконвенционална комбинација од импровизација, перформанс-арт и музички влијанија од различни култури, инспирирани од патувањата на членовите низ Блискиот Исток и Азија.
Заедно со својот брат Алан Бишоп, во 2003 година ја основа издавачката куќа Sublime Frequencies, посветена на промоција на автентична не-западна музика надвор од рамките на комерцијалниот „world music“ пазар.
По распаѓањето на Sun city girls во 2007 година, Бишоп ја продолжува својата кариера како соло изведувач под името Сер Ричард Бишоп, градејќи препознатлив стил на акустична гитара кој ги спојува американската авангардна фолк традиција, ориентални музички елементи и слободна импровизација. Во Скопје ќе настапи со материјал од неговиот најнов албум Hillbilly Ragas.
Втората точка на вечерта е дуото Делиниколов/Лукаш, чија соработка произлегува од долгогодишно пријателство кое добива нов уметнички импулс по преселбата на композиторот Костадин Делиниколов во Германија. Нивниот настап се движи меѓу композиција и импровизација, комбинирајќи клавијатурни инструменти, жичани звуци и електроника во форма на интимен музички дијалог.
Костадин Делиниколов е роден во Скопје во 1979 година. По раното образование во класично пијано, студира историска музикологија, медиумска теорија и германска книжевност во Падерборн и Детмолд, каде што денес живее и работи. Неговото творештво опфаќа музика за соло пијано, камерни ансамбли и електронски композиции, изведувани низ Европа и САД.
Владимир Лукаш, пак, е долгогодишен соработник на АКСИОМА и мултимедијален автор кој работи на пресекот меѓу музиката, илустрацијата, анимацијата и визуелната уметност, развивајќи уникатен и тешко категоризиран уметнички израз.
Називот „Панукла“ потекнува од архаичен збор карактеристичен за преспанскиот регион, кој традиционално означува несреќа или голема беља. Во контекст на новиот концертен циклус, терминот е намерно преосмислен како симбол за креативен немир, слобода и отстапување од музичките конвенции.
„Панукла сесии“ се замислени како периодични настани посветени на музика со отворена форма, експеримент и импровизација — простор каде институционалните жанровски граници се заменуваат со игра, истражување и непосредна комуникација меѓу музичарите и публиката.
Организаторите ги покануваат љубителите на авантуристичката и алтернативна музика да бидат дел од првото издание на новиот концертен серијал. бнд/дј