Тетовскиот хор „Балтепе“ одржа концерт во пештера кај Јегуновце
- Градскиот мешан хор „Балтепе“ од Тетово денес одржа концерт во месноста Пештер кај Јегуновце. На овој начин новоформираниот хор успеа да направи успешен спој на културата и природата, со оглед дека месноста претставува една голема отворена пештера во длабините на планината Жеден.
Тетово, 5 април 2026 (МИА) - Градскиот мешан хор „Балтепе“ од Тетово денес одржа концерт во месноста Пештер кај Јегуновце.
На овој начин новоформираниот хор успеа да направи успешен спој на културата и природата, со оглед дека месноста претставува една голема отворена пештера во длабините на планината Жеден во тетовскиот рурален регион познат како Поселие.
Диригентката Јасмина Ѓорѓевска Каро вели дека концертот кој беше насловен „Блесоглас“, покажал дека уметноста најсилно итекако може да биде претставена заедно со природните убавини кои ги поседува и Тетовскиот Регион.
-Јас не го знаев ова место претходно и кога дознав дека имаме тука во непосредна близина, ваква природна убавина, навистина со задоволство дојдов да го видам. Ова е нешто што треба секој еден Македонец, па и пошироко надвор од нашата држава да го презентира. Се покажа дека ова место е посебно за вакви настани од овој тип, па може да се претстава разни музички ансамбли, како и да се одржуваат сите видови на културни, уметнички збиднувања. Ние на генералната проба увидовме дека ова место има прекрасна акустика, што еве и денес се потврди на овој наш концерт каде што се надевам и видов дека публиката е воодушевена и ние се слушнавме многу убаво така да направиме една голема синхронизација и уживавме, изјави Ѓорѓевска Каро
Концертот во Јегуновце, заедно со настапот во Брвеница одржан во саботата навечер, се првите самостојни претставувања на „Балтепе“ по неговото формирање во септември минатата година. Хорот планира да се претставува и во текот наредните месеци.
-Веќе на 19 април, „Балтепе“ ќе настапи во Гостивар, а следува концерт и во општината Ѓорче Петров. Посебен акцент во годишната програма е ставен на 21 мај, кога хорот ќе одржи целовечерен концерт во Музејот на македонската борба во Скопје, во соработка со црногорското здружение, по повод 20 години од нивната независност, најави диригентката Ѓорѓевска Каро.
На 23 мај, тетовските хористи ќе ги одмерат своите сили на републички и меѓународен натпревар во Штип, во соработка со градскиот хор „Астибо“. Круна на летната сезона ќе биде првото меѓународно гостување во август, кога хорот „Балтепе“ ќе ја претставува Македонија на натпревар во Црна Гора.ас/вј/
Фото: МИА