• понеделник, 10 јуни 2024

Чапутова - Пелегрини: Атентатот врз премиерот Фицо е напад врз демократијата

Чапутова - Пелегрини: Атентатот врз премиерот Фицо е напад врз демократијата

Братислава, 16 мај 2024 (МИА) - Претседателката на Словачка во заминување Зузана Чапутова и новоизбраниот претседател Петер Пелегрини денеска во Братислава изјавија дека атентатот врз премиерот Роберт Фицо извршен вчера, е напад врз демократијата и ги повикаа сите на политичката сцена да излезат од „маѓепсаниот круг на насилство“ и привремено да ја прекинат кампањата пред изборите за Европскиот парламент.

„И двајцата делиме ист став, ние сме против секаков вид насилство. Вчерашниот напад е голема човечка трагедија, но истовремено и напад на демократскиот поредок. Сакаме да ги поканиме сите: Да излеземе од магичниот круг на насилство и меѓусебни обвинувања, тоа што се случи вчера, тоа е чин на поединец, но напнатата атмосфера на омраза е наша колективно дело“, рече Чапутова во заедничкото обраќање со Пелегрини, кој во јуни од неа ќе ја преземе должноста.

Пелергини и Чапутова се договорија да ги повикаат лидерите на сите политички партии да се смири ситуацијата и заедно да го отфрлат насилството.

„Ние, политичарите, мораме да владееме со нашите емоции“, рече Чапутова.

Новоизбраниот претседател Пелегрини рече дека е згрозен од тоа до што може да доведе омразата кон политичар. 

„Словачка до вчера ја красеше способноста демократски и во согласност со Уставот да ги решава сите политички кризи. За да не се повторат атентатите, сите мора да покажат голема одговорност. Денеска Словачка мора да тргне по патот на мирот и смирување на страстите. На омразата не смееме да одговориме со омраза“, рече Пелегрини.

Словачкиот премиер Фицо вчера беше застрелан во градот Хандлова во централна Словачка од 71-годишниот Јурај Цинтула, кој некогаш работел како чувар во трговски центар, па оттука и неговиот легален пиштол. Цинтула се занимава со поезија и бил фрустриран од состојбата на словачкото општество и работата на Владата. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан