• среда, 18 декември 2024

Целосна реконструкција на стадионот „ССК“ во Драчево

Целосна реконструкција на стадионот „ССК“ во Драчево

Скопје, 8 февруари 2024 (МИА) - Почнува целосна обнова на стадионот „ССК“ во Драчево. По иницијатива на градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски и бројните заложби за овозможување современи услови за спортистите кои тука тренираат и се натпреваруваат, почнува инвестиција овозможена од ФФМ, која во првата фаза ќе чини 8,5 милиони денари.

Како што информира Општина Кисела Вода, спортскиот терен изграден во 1965 година со години наназад беше изоставен од реконструктивни зафати.

-Завршува долгогодишната негрижа за овој спортски терен во Драчево, кој во минатото беше едно од спортските одбележја на Општина Кисела Вода. Драго ми е што моите заложби за неопходните реконструктивни зафати што му претстојат на „ССК“ вродија плод и што наидовме на разбирање кај раководството на ФФМ, па за неколку месеци, спортистите повторно ќе го добијат овој простор за себе, но со услови кои се модерни и современи, изјави градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски при денешниот увид во градежните работи на стадионот „ССК“.

Овој стадион ќе добие девет целосно нови соблекувални, нова ограда по целата должина, ќе има санација на тревната подлога, комплетно осветлување со нови рефлектори, што ќе овозможи одлични услови за тренинг  и за одржување на натпревари на фудбалскиот клуб „ССК“.

Првата фаза од инвестицискиот циклус ќе чини 8,5 милиони денари, за што Ѓорѓиевски изрази благодарност до раководството на ФФМ.

-Обновата на спортска инфраструктура е поставена високо во листата на моите приоритети како градоначалник и се трудам тоа да им го овозможам на моите граѓани на секој начин - преку инвестирање, преку градење, преку лобирање до надлежните во случај кога друга институција ги има ингеренциите, како што е случајот со „ССК“, нагласи Ѓорѓиевски.

Општина Кисела Вода информира дека во изминатите две години инвестирале во спортската инфраструктура, што резултира со преку 10 спортско-рекреативни центри, дел од нив некогашни култни спортски локации. мд/дма/

Фото: Општина Кисела Вода 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан