• понеделник, 16 декември 2024

Христодулидис и фон дер Лајен телефонски разговарале за ситуацијата во Сирија и за кипарското прашање

Христодулидис и фон дер Лајен телефонски разговарале за ситуацијата во Сирија и за кипарското прашање

Никозија, 16 декември 2024 (МИА) – За последните случувања во Сирија и потребата да се обезбеди безбедност и стабилност на поширокиот регион, но и за кипарското прашање,телефонски разговарале претседателот на Кипар Никос Христодулидис и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис соопшти дека Христодулидис ја информирал фон дер Лајен за контактите што ги имал со лидерите на државите во регионот во однос на ситуацијата во Сирија и ја нагласил потребата „ЕУ да има активна и водечка улога во регионот, преземајќи конкретни, суштински иницијативи“.

- Во тој контекст, претседателот разговараше со претседателката фон дер Лајен за содржината на работниот документ што го достави Република Кипар и што ќе биде претставен на претстојниот Совет за надворешни работи, а во кој како Република Кипар, поднесовме конкретни предлози и идеи за улогата што ЕУ може да ја игра. Претседателката на Комисијата ја поздрави содржината на документот на Република Кипар, кој, треба да се спомене, ги одразува и позициите на државите во регионот, информираше Летибиотис во писмената изјава.

Дополнително Христодулидис и фон дер Лајен разговарале и за последните случувања во кипарското прашање, а телефонскиот разговор бил на барање на претседателката на ЕК во рамките на нејзината претстојна посета на Турција. ср/

Остани поврзан