• недела, 22 декември 2024

Хохштајн ги започна разговорите во Бејрут за деескалација на ситуацијата на југ

Хохштајн ги започна разговорите во Бејрут за деескалација на ситуацијата на југ

Бејрут, 18 јуни 2024 (МИА) - Американскиот специјален пратеник Амос Хохштајн денеска започна клучни разговори со либански официјални претставници со цел деескалација на насилството на либанско-израелската граница.

Американскиот функционер ќе ги започне своите разговори во главниот град со претседателот на либанскиот дом Набих Бери, клучен сојузник на проиранското движење Хезболах. Тој потоа ќе разговара со либанскиот премиер Наџиб Микати и министерот за надворешни работи Абдалах Бу Хабиб.

Според извор од либанската влада, Хохштајн, кој го посети Израел вчера, бил испратен во регионот на „итна неочекувана посета“ за да ја спречи влошената ситуација меѓу Израел и Хезболах и да спречи избувнување на сеопфатна војна во областа.

Израелските медиуми денеска објавија дека Бени Ганц, лидер на политичката алијанса Национално единство, вчера му рекол на американскиот претставник дека „истекува времето“ да се постигне секаков вид дипломатски договор за враќање на мирот долж северната граница на Израел со Либан.

Ганц му нагласил на Хохштајн дека е посветен на „отстранување на заканата што Хезболах ја претставува за граѓаните на северен Израел, без оглед на случувањата за војната во Газа“, соопшти неговиот кабинет.

Минатата недела, двајца претставници на Обединетите нации со седиште во Либан изјавија дека се „длабоко загрижени“ поради неодамнешната ескалација на границата меѓу Израел и Либан.

-Опасноста од погрешна пресметка што ќе доведе до ненадеен и поширок конфликт е многу реална, рече специјалниот координатор на ОН за Либан Жанин Хенис-Плашерт и шефот на привремените сили на ОН во Либан (УНИФИЛ), Аролдо Лазаро во заедничката изјава.

Хохштајн со месеци се обидува да најде дипломатско решение меѓу Израел и Хезболах.

Од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, секојдневно има судири меѓу израелската армија, Хезболах и сојузничките групи во пограничната област меѓу Израел и Либан. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан