• сабота, 23 ноември 2024

Хезболах потврди дека со ракета е гаѓано седиштето на Мосад, крај Тел Авив

Хезболах потврди дека со ракета е гаѓано седиштето на Мосад, крај Тел Авив

Бејрут/Тел Авив, 25 септември 2024 (МИА) - Хезболах ја презеде одговорноста за утринскиот ракетен напад врз централен Израел и соопшти дека со балистичка ракета „Кадер 1“ го гаѓала седиштето на Мосад во близина на Тел Авив.

Во соопштението се наведува дека нападот е одговор на неодамнешните експлозии на пејџери и воки-токи од членови на Хезболах во Либан, како и на убиството на високи команданти на групата, пишува „Тајмс оф Израел“.

Во меѓувреме, израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека гаѓале лансирна рампа на Хезболах во Либан, што била искористена за истрелување на проектил земја-земја рано утринава.

ИДФ, исто така, соопшти дека во текот на изминатата ноќ израелските борци извршиле уште еден бран воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан, насочени кон оперативците на групата и десетици складишта за оружје со крстаречки ракети и прецизно наведувани ракетни лансири.

Сирените за воздушен напад се огласија рано утринава во Тел Авив и низ централен Израел, а командата на домашниот фронт на израелските одбранбени сили (ИДФ) им наложи на граѓаните да се засолнат. Тоа беше првпат сирените да се огласат во Тел Авив и централниот дел на земјата откако се интензивираа судирите меѓу Израел и либанската група Хезболах.

Најмалку 569 лица се убиени, од кои 50 деца и 94 жени, во израелските напади врз Либан од понеделникот наутро, изјави вчера либанскиот министер за здравство Фирас Абиадтелс за ТВ Ал Џезира Мубашер.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан