• понеделник, 23 декември 2024

Хезболах го нападна северниот дел на Израел поради убиството на петмина свои членови во јужен Либан

Хезболах го нападна северниот дел на Израел поради убиството на петмина свои членови во јужен Либан

Бејрут, 6 август 2024 (МИА) - Петмина членови на Хезболах се убиени денеска во израелски напад врз јужен Либан, јави извор од либанските безбедносни сили, по што беше објавено дека организацијата возвратила со гаѓање на северен Израел со беспилотни летала.

Овие извештаи доаѓаат во време кога растат стравувањата од регионална ескалација меѓу Иран и неговите сојузници (Хамас, Хезболах, Хути) од една страна и Израел, поддржан од САД, од друга страна.

Безбедносен извор рече дека петте борци на Хезболах биле убиени во израелски напад врз куќа во селото Мајфадун во јужен Либан.

Израелската армија соопшти дека гаѓала воен објект на Хезболах во регионот Набатиех, каде што се наоѓа местото Мајфадун, кое, како што додаде, го користат терористите за подготовка на напади врз Израел.

Хезболах соопшти дека со беспилотни летала гаѓале касарна на израелската армија северно од градот Акре.

Меѓународната заедница се обидува да избегне воена ескалација во регионот на Блискиот Исток, откако Иран и неговите сојузници ветија одмазда за убиствата на лидерот на Хамас и воен шеф на Хезболах минатата недела. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан