• понеделник, 16 септември 2024

Хаџиу: Меѓународната заедница да изврши притисок врз Србија да ги предаде криминалците

Хаџиу: Меѓународната заедница да изврши притисок врз Србија да ги предаде криминалците

Приштина, 16 септември 2024 (МИА) – Министерката за правда на Косово, Албулена Хаџиу изјави дека по обвинението за терористичкиот напад на 24 септември 2023 година во Бањска во северно Косово, исклучително е важно да се изврши притисок врз Србија да ги предаде обвинетите во овој случај, кои таа ги нарече „терористички криминалци“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното интервју за порталот „Економиа онлајн“ (ekonomiaonline.com), Хаџиу вели дека овој притисок врз Белград треба да го извршат меѓународните фактори.

- Она што го сметам за важно е Србија да го предаде главниот терорист (Милан) Радојичиќ, а исто така и другите терористи кои го извршија терористичкиот напад во Бањска. И нашите меѓународни партнери да вршат притисок не за да се бара од Косово да достави докази до Србија, бидејќи знаете дека единствениот орган, единствените институции кои имаат одговорност да го истражат овој случај и да го судат се оние на Република Косово. Затоа е исклучително важно да се изврши притисок врз нив да ги предадат криминалците и терористите, а од друга страна сè што зависи од нас ќе го реализираме во реално време, потенцира Хаџиу.

Министерката нагласи дека наместо Косово, меѓународните партнери требало да ја осудат и санкционираат Србија за нападот во Бањска, бидејќи, според неа, српската држава стои зад тој напад со оружје, обука и финансирање.

Запрашана дали е можно повторно да има сличен напад, Хаџиу нагласи дека од Србија може да се очекува сè, со оглед на „хегемонистичките цели и територијалните претензии“ на Србија кон Косово.

- Ние од Србија можеме да очекуваме сè со оглед на тоа што Србија не се извини за воените злосторства… Имајќи ги предвид хегемонистичките цели и територијалните претензии што Србија ги има кон нашата земја, исти стимулации добија и криминалните групи кои не ги пуштаат Србите слободно да живеат во Република Косово. Се очекува од Србија, ние сме будни, нашите безбедносни институции исто така, рече Хаџиу.

Косовското специјално обвинителство минатата среда, на 11 септември, поднесе обвинение против 45 лица, предводени од поранешниот потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, Милан Радојичиќ, за кривичните дела „Извршување терористичко дело“, „Тешки дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово“, „Олеснување и финансирање тероризам“ и „Перење пари“. иа/ми/

Остани поврзан