• недела, 22 декември 2024

Харис: САД имаат план за испраќање сојузнички астронаути на Месечината

Харис: САД имаат план за испраќање сојузнички астронаути на Месечината

Вашингтон, 21 декември 2023 (МИА) - САД планираат да испратат астронаути од сојузничките земји на Месечината како дел од својата вселенска програма, најави потпретседателката на САД Камала Харис. 

Испраќањето граѓани на други земји на површината на Месечината ќе се одвива како дел од програмата „Артемис“ на американската Национална аеронаутичка и вселенска администрација (НАСА), јавува Си-Ен-Ен. 

-Како признание за суштинската улога што ја играат нашите сојузници и партнери во програмата „Артемис“, горда сум што можам да објавам дека, покрај американските астронаути, имаме намера до крајот на деценијата да испратиме и слетаме и странски астронаут на површината на Месечината, рече Харис на состанокот на Националниот совет за вселенски работи на Белата куќа. 

На средбата присуствуваа и државниот секретар Ентони Блинкен и советникот за национална безбедност Џејк Саливан.

Секоја планирана мисија „Артемис“ ќе има простор за четворица астронаути, од кои двајца ќе можат да слетаат на површината на Месечината, додека другите двајца ќе кружат само околу Месечината, или во вселенското летало Орион или во мала вселенска станица наречена Порта. 

Астронаутите на Европската вселенска агенција ќе имаат можност да летаат до вселенската станица Гејтвеј три пати како дел од програмата „Артемис“, а во програмата ќе бидат вклучени и Јапонци и членови на канадската вселенска агенција, изјави претставник на НАСА за Си-Ен-Ен. 

Во мисијата „Артемис II“, планирана за лансирање во 2024 година, астронаутите ќе имаат можност да летаат околу Месечината за првпат по завршувањето на програмата Аполо. Меѓу членовите на екипажот ќе биде и астронаутот на Канадската вселенска агенција Џереми Хансен. 

-НАСА можеше да избере да го направи ова сама, но тие намерно избраа да ја вклучат Канада и растечката листа на меѓународни партнери. Овој извонреден пример на американско лидерство ја користи нашата колективна експертиза и не само што е искрено ценет, туку е итно потребен во денешниот свет, рече Хансен на состанокот во Белата куќа. 

Првата мисија за слетување на Месечината, „Артемис III“, ќе биде лансирана најрано кон крајот на 2025 година.сд/

фото: МИА Архива

 

Остани поврзан