• вторник, 23 јули 2024

Хамнеи: Иран не сака нуклеарно оружје туку енергија

Хамнеи: Иран не сака нуклеарно оружје туку енергија
Техеран, 17 февруари 2022 (МИА) - Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи денеска изјави дека Иран сака и понатаму да развива нуклеарни капацитети, но не како вид на оружје туку како енергија со цел да се зачува независноста. - Порано или подоцна ќе ни треба нуклеарна енергија во време на мир. Ако не би ја имале тогаш ќе биде загрозена нашата независност, посочи Хамнеи додека траат преговорите на Иран со светските сили за обнова на нуклеарниот договор од 2015 година. Индиректните преговори помеѓу Иран и САД се одржуваат во Виена од април минатата година, а според неименувани ирански претставници следните денови се клучни за надминување на несогласувањата помеѓу вклучените страни. - Дипломатските напори на нашите браќа револуционери, кои се обидуваат да се решат од санкциите исто така е добра работа, но главната задача е неутрализирање на санкциите, посочи Хамнеи. Иранскиот нуклеарен договор, официјално наречен Заеднички сеопфатен план за акција (ЈЦПОА), беше потпишан во 2015 година од Иран, САД, Кина, Русија, Франција, Велика Британија, Германија и Европска Унија. Според договорот, Техеран вети дека ќе ја ограничи својата нуклеарна активност само за цивилни цели, а светските сили се согласија да се откажат од економските санкции кон Иран. САД за време на мандатот под поранешниот претседател Доналд Трамп, еднострано се повлекоа од договорот од 2018 година и воведоа санкции кон Иран, што доведе до тоа Техеран да престане да се придржува до договорот. ми/

Тагови

Остани поврзан