• среда, 11 март 2026

Хали Бери: Не сум жртва на неуспешни врски

Хали Бери: Не сум жртва на неуспешни врски

Лос Анџелес, 11 март 2026 (МИА) - Холивудската глумица Хали Бери проговори за својот однос со медиумите и причините поради коишто избегнувала интервјуа речиси 10 години. Таа, имено, појасни дека медиумскиот притисок станал особено интензивен по нејзиниот трет развод, па јавноста сè повеќе коментирала за нејзиниот љубовен живот, а не за нејзината актерска кариера.

- По мојот трет развод, луѓето почнаа да велат: „Што не е во ред со неа? Таа е луда. Не може да задржи маж“... Практично престанав да давам интервјуа пред 10 години затоа што ми здодеа истата стара приказна. Секогаш некој ќе речеше: „Кутрата Хали, таа повторно нема среќа во љубовта“, вели оскаровката за „Кат“ (The Cut).

Годинава таа е актуелна со криминалистичкиот трилер „Злосторство 101“ (Crime 101), каде што глуми заедно со Крис Хемсворт и Марк Рафало.

И покрај повеќе од тридецениската работа во филмската индустрија и историскиот „Оскар“ за најдобра женска улога, афроамериканската актерка вели дека медиумите премногу често ги игнорирале нејзините професионални успеси и ѝ се враќале на истата приказна за нејзините врски.

Зборувајќи за тоа како би сакала медиумите да пристапат кон нејзината приказна, на шега предложи неколку можни наслови: „Хали Бери не е дама во неволја“, потоа „Хали Бери не е жртва на неуспешни врски“, и на крај заклучи „Хали Бери никогаш не рекла дека вината е кај некој друг“.  си/ссм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан