• среда, 01 април 2026

Од 2027 година обожавателите ќе може да го посетат домот од детството на Дејвид Боуви

Од 2027 година обожавателите ќе може да го посетат домот од детството на Дејвид Боуви

Лондон, 1 април 2026 (МИА) - Со две соби долу, две горе... Така изгледа скромната куќа со тераси во лондонската населба Бромли, каде што пораснал Дејвид Боуви, британската музичка икона. Личи на многу други домови, но меѓу овие четири ѕидови има многу музичка историја.

Куќата во јужен Лондон, каде што Боуви живеел од своите осум до 20 години, е преземена од Фондацијата за наследство во Лондон и моментно е во процес на реставрација, со цел да биде отворена за јавноста во 2027 година, според службениот инстаграм-профил на музичарот. Ќе биде обновена верно следејќи го нејзиниот изглед од почетокот на 60-тите, а достапни и порано јавно невидени архиви ќе помогнат да се пресоздаде внатрешниот распоред, каков што бил кога таму живеел Боуви. Куќата е првенствено наменета за млади луѓе.

Целта на автентичното обновување е да се создаде „изворното искуство“ и да се запознаат посетителите со светот на младиот Дејвид. Во иднина, тука ќе се одржуваат креативни работилници, според одговорните за наследството на музичарот, кој почина во 2016 година. Тие се надеваат дека домот на големиот музичар ќе послужи како инспирација за младите.

Џефри Марш, водич на изложбата на Дејвид Боуви во музејот „Викторија и Алберт“, рече дека малата куќа е местото каде што музичарот се претворил од „едноставен ученик од предградието“ во музичар што постигна меѓународна слава.

Боуви еднаш рече за својата спална соба од детството - дека таа соба е неговиот „цел свет“, иако има помалку од девет квадратни метри.

- Поминав толку многу време во мојата спална соба, тоа навистина беше целиот мој свет. Имав книги горе, па мојата музика, мојот грамофон, а за да излезам од мојот свет горе и на улицата, морав да поминам низ оваа ничија земја во дневната соба - рече Боуви во една пригода.

Џорџ Андервуд, музичар и близок пријател на Боуви, рече дека тие „поминале многу време заедно“, слушајќи и свирејќи музика. - Многумина рекле дека музиката на Дејвид ги спасила или им го променила животот. Неверојатно е што имал такво влијание врз луѓето, а уште поневеројатно е што сè започнало токму тука, во оваа куќа - нагласи Андервуд.

Фондацијата за наследство во Лондон објави дека сака куќата да го продолжи наследството на Боуви за слободното креативно експериментирање.  си/јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан