• петок, 05 декември 2025

Француската Влада ја „преживеа“ иницијативата за недоверба во францускиот парламент

Француската Влада ја „преживеа“ иницијативата за недоверба во францускиот парламент

Париз, 1 јули 2025 (МИА) - Францускиот премиер Франсоа Бајру „преживеа“ уште една иницијатива за изгласување недоверба на неговата влада, откако предлогот поднесен од левицата не доби доволна поддршка во Националното собрание.

Предлогот беше инициран поради неуспехот на преговорите околу реформата на пензискиот систем, но доби поддршка од само 189 пратеници – далеку под потребниот праг од 289 гласа за уривање на владата. Опстанокот на Владата на 74-годишниот центрист Бајру беше возможен благодарение на воздржаноста при гласањето од страна на пратениците на крајнодесниот Национален собир.

Бајру нема мнозинство во Долниот дом на Парламентот, а гласањето откри две клучни слабости: сериозната ранливост на владата и губењето на досегашната поддршка од Социјалистичката партија.

- Нема повеќе отстапки за Бајру, изјави лидерот на социјалистите Оливие Фор. „Изневерени сме“.

Социјалистите го обвинија премиерот дека ја прекршил својата претходна обврска парламентот да има завршен збор за измените на контроверзниот закон за пензиска реформа од 2023 година. Откако консултациите пропаднаа, тие поднесоа иницијатива за гласање недоверба. Главната спорна точка во реформата е зголемувањето на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.

- Паѓањето на владата денес немаше да биде во интерес на францускиот народ, изјави лидерката на Националниот собир, Марин Ле Пен. Таа најави дека партијата внимателно ќе ги следи есенските дебати за буџетот за 2026 година и не ја исклучи можноста повторно да поддржи недоверба, како што го направи со претходникот на Бајру – Мишел Барние.

Буџетските преговори за 2026 година ќе бидат „кошмар“, предупреди уште во март портпаролката на владата Софи Примас, наведувајќи ги сериозните финансиски предизвици со кои се соочува Франција.

Претседателот Емануел Макрон го назначи Бајру во декември со цел да донесе стабилност по изборниот хаос од минатото лето. Доколку Бајру биде симнат од функцијата, Макрон ќе мора да назначи седми премиер, што би значело тешка завршница на неговиот втор претседателски мандат. ссм/

фото: архива

Остани поврзан