• недела, 24 ноември 2024

Франција со специјални летови ќе ги евакуира своите загрозени граѓани од Хаити

Франција со специјални летови ќе ги евакуира своите загрозени граѓани од Хаити

Париз, 24 март 2024 (МИА) - Франција денеска воспостави специјални летови за да им овозможи на своите „најзагрозени“ граѓани да го напуштат Хаити, чиј главен град е цел на насилство од вооружени банди.

Тие летови, кои ќе ги обезбеди француското Министерство за одбрана, треба да започнат во текот на неделата, соопшти денеска француската дипломатија, додавајќи дека комерцијалните летови со Порт-о-Пренс се во прекин.

„Француската амбасада во Порт-о-Пренс останува отворена и ја продолжува својата активност и покрај влошените услови“, соопшти француското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека амбасадата е мобилизирана за да им даде поддршка на Французите на терен.

Околу 1.100 Французи, вклучително и оние со двојно државјанство, живеат на Хаити.

Хаити, кој веќе има многу сериозна политичка и безбедносна криза, е цел на насилство од почетокот на март, кога неколку вооружени банди ги здружија силите за да нападнат стратешки локации во Порт-о-Пренс во обид да го соборат премиерот Ариел Анри. 

Анри се согласи да поднесе оставка на 11 март и оттогаш траат преговорите за формирање преодна влада.

Во меѓувреме, вооружените банди ги засилуваат нападите во главниот град и контролираат околу 80 отсто од Порт-о-Пренс. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан