• сабота, 21 декември 2024

Форум „20 години од Самитот во Солун“:  Неопходно ресетирање на процесот на проширување на Унијата и определување конкретни рокови за зачленувањето

Форум „20 години од Самитот во Солун“:  Неопходно ресетирање на процесот на проширување на Унијата и определување конкретни рокови за зачленувањето

Скопје, 22 јуни 2023 (МИА) – Осврт на остварените резултати од Солунската агенда и моделите и препораките што се однесуваат на пристапувањето на државите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија, со аспект на промените во ЕУ по однос самиот процес на проширувањето, се глевните теми на дискусија во рамки на конференцијата „Форум Еуропеум 2023 – 20 години од Самитот во Солун: Патот пред нас“ што се одржува во Скопје во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ).

- На собирот ќе бидат продискутирани и критериумите за членство од Копенхаген, колку истите се покажале корисни, дали има потреба за нивна доспецификација. Денеска Европската комисија ќе објави прегледи и оценки по однос Грузија, Украина и Молдавија во контекст на нивното пристапување кон ЕУ, односно колку тие ги исполните одредниците за отварање преговори поставени минатата година. Несоменено е дека контекстот на пристапувањето се менува со прифаќањето на нивните апликации и нам како Институт ни беше значајно да ги поврземе тие две дискусии што се однесуваат на Украина и Молдавија со Западниот Балкан, бидејќи истите досега се одвиваа одвоено, истакна Симонида Кацарска од Институтот за европска политика.

Срѓан Мајсторовиќ од Центарот за европски политики во Белград смета дека одбележувањето на годишнината од Солунскиот самит од пред 20 години е добра можност да се направи пресек на сработеното, со акцент врз пропуштеното со оглед на тоа што, како што забележа, многу од очекуваното не е исполнето.

- Пред 20 години нашите очекувања и надеж беа многу поинакви, постоеше многу поголем опптимизам. Некои процеси се покренати, сработени се многу работи, но се наметнува како впечаток дека две децении е предолг период и оти за 20 години државите од Западен Балкан оствариле премал напредок, рече тој.

Причините за слабиот напредок во процесот на присоединување и самото проширување на ЕУ, тој ги гледа и кај оствареното од самите држави од регионот, но и во политиката на одредени држави во самата ЕУ.

Мајсторовиќ посочи дека Северна Македонија е пример на недоследност во рамки на ЕУ, кога одредени држави-членки го злоупотребуваат статусот и членството во Унијата со нивните обиди одредени билатерални прашања да ги решаваат во рамки на процесот на проширување на Унијата.

- Она што сакаме денеска да го покренеме како прашање е тоа ресетирање на процесот на проширување, иницирано од новонастанатата ситуација по руската инвазија врз Украина. Важно е да се изготви кредибилен план, што ќе биде добар и за земјите од регионот и за ЕУ, како и да се определат временски одредници со однапред определени рокови. Време е да се почне да се разговара и за роковите за просоединувањето на државите од регионот во ЕУ, рече тој. 

Денис Ченуша од Молдавскиот институт за европска политика, по однос на напредокот на Молдавија и на Украина во процесот на пристапување кон ЕУ истакна дека двете држави оствариле постојан напредок, дека постои политичка волја за исполнување на поставените услови.

- Геополитичката несигурност креира многу непредвидени ситуации за двете земји бидејќи тие мора да насочат многу од ресурсите кон други прашања надвор од оние што се однесуваат на европската интеграција. Сепак, постои големо разбирање за можноста што се отвори во контекст на пристапниот процес минатата година поради што политичката елита и јавната администрација во Молдавија и Украина се обидуваат да испорачаат што е можно повеќе на европската агенда, рече тој.

Ченуша истакна дека ЕУ го разбира политичкиот момент, оттаму и очекувањата дека одлуката на крајот ќе биде донесена врз основа на политички аргументи. аб/бак/

фото/МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан