• сабота, 04 мај 2024

Форум: Шпанија ја поддржува евроинтеграцијата на Северна Македонија, пред вас е шанса која треба да ја искористите

Форум: Шпанија ја поддржува евроинтеграцијата на Северна Македонија, пред вас е шанса која треба да ја искористите

Скопје, 5 јуни 2023 (МИА) - Шпанија го поддржува процесот на проширување и интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и смета дека пред земјата е шанса која треба да ја искористи. И ние сме биле на вашето место и знаеме колку е тешко кога не сте дел од клубот.

Ова беше истакнато на првиот Билатерален форум на тинк-тенк организации од Северна Македонија и Шпанија под наслов „Размислуваме и работиме заедно“, што започна денеска во Скопје во организација на Институтот „Преспа“, на заедничка иницијатива со Кралскиот институт Елкано од Мадрид.

Шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија во своето обраќање истакна дека шпанската Влада покажа поддршка за процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ и дека пред земјата е момент кој треба да го искористи за постигнување на својата цел.

-Се наоѓаме во многу специфични моменти, во една многу важна стратешка ситуација каде што се работи за суверенитетот. Ова е можност да се искористи моментот за процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Мораме да го искористиме моментот важен за пристапувањето на Северна Македонија. И јас навистина го поддржувам, порача амбасадорот Лозано Гарсија на форумот кој се одржува на неполн месец пред преземањето на претседавањето со ЕУ од страна на Шпанија кое почнува на 1 јули. 

Филип Тосевски, државен секретар во МНР оцени дека овој билатерален форум ќе придонесе за поблиски врски меѓу граѓанските општества на двете земји кои следната година ќе одбележат 30 години од воспоставување на дипломатски односи. Ова е вели, начинот за поблиско запознавање на двете држави и за подигнување на свеста за значењето на процесот на проширување.

Извршниот директор на Кралскиот институт „Елкано“ Чарлс Пауел, пак увери дека тоа што во Шпанија се закажани предвремени избори на 23 јули нема да се одрази на шпанското претседателство со Унијата.

-Јас немам никакво сомнение дека ова ќе биде екстремно продуктивно и плодно претседателство како што беа и претходните четири. Поради искуството со нашата државна служба и поддршката од шпанското граѓанско општество мислам дека Шпанија е најентузијастичката и про - ЕУ држава меѓу сите членки, а во однос на прашањето за проширување нема никакво сомневање дека ќе биде успешно. Иако овие предвремените избори се мала пречка, сепак мислам дека се ќе се одвива во најдобар ред, рече Пауел.

Шпанија отсекогаш била за проширување за ЕУ, а според Пауел, тоа се должи на фактот што Мадрид доста доцна се приклучи на Унијата затоа што живееше во авторитарна диктатура.

-Во мислите на многу луѓе од Шпанија демократијата и ЕУ се две страни на истата паричка, и како може да не сакате да им го овозможите на други она што и самите сте го посакувале. Исто така, патот до членството не беше лесен. Аплицираше во 1977, а доби членство во 1986 година. Значи тоа беше долготраен процес и би сакал да нагласам дека шпанското општество и шпанските власти целосно ги поддржуваат вашите европски аспирации затоа што и ние сме биле на вашето место. Знаеме колку е тешко кога не сте дел од клубот, знаеме колку е тешко да бидете принудени понекогаш да усвоите одредени реформи коишто може да ви бидат болни, затоа што сите сме морале да ги усвоиме во одреден момент за наша сопствена придобивка а не само за да ја постигнеме целта за членство во ЕУ. Шпанското општество вклучително и граѓанскиот сектор ќе продолжат да ве поддржуваат, вели Пауел.

Тој при тоа нагласи дека еден од приоритетите на шпанското претседавање ќе биде и поддршката за Украина и потсети дека шпанското општество и Влада се покажаа на ниво на предизвикот и минатата година Шпанија издвои 0,4 проценти од својот БДП за воена и хуманитарна помош, а исто така згрижи и голем број украински бегалци, а има и меѓу 40 и 50 илјади украински деца кои се прифатени во јавниот систем на образование.

-Имајќи ја предвид кохезивноста и обединетоста на ЕУ, тоа ќе биде еден од приоритетите на шпанското претседателство, подвлече директорот на Кралскиот институт Елкано.

Аналитичарот при овој Институт, Игнасио Молина на дебатата осврнувајќи се на релациите на Мадрид кон Северна Македонија и регионот, истакна дека треба да се биде самокритичен дека тие се од низок профил, но дека во последните години се интензивираат и дека мора да се зајакне нејзиното вклучување во регионот имајќи ја предвид нејзината желба да биде силен играч како четврта по моќност земја членка на Унијата. Тој меѓу другото посочува дека тоа Шпанија не го призна Косово, влијае на тоа што немаат кохерентна политика кон регионот, но дека потенцијалите се големи ако се гледаат објективно.

-Со Северна Македонија, политичките односи во последните две години се исклучители, многу позитивни. Шпанија ја поддржува кандидатурата за Република Северна Македонија за членство во ЕУ. Иако понекогаш може да изгледа дека таа поддршка е повеќе реторичка отколку вистинска, треба да се има предвид дека тоа има врска со фактот дека доколку нема повеќе присуство на бизниси, на официјални претставници, тешко е да се види степенот на поддршка на Шпанија, но Шпанија е една од земјите која ќе притиска за вашето членство, вели аналитичарот Молина.  

Од форумот што ќе финишира утре се очекува да даде заклучоци, но и препораки за шпанската Влада, шпанското претседателство со Советот на ЕУ во однос на Северна Македонија и Западен Балкан, како и препораки за Владата на Северна Македонија во насока на подобрувањето на билатералната соработка и партнерството во рамките на НАТО. вг/ац/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан