• петок, 15 ноември 2024

Формирано Доброволно противпожарно друштво во Виница

Формирано Доброволно противпожарно друштво во Виница

Виница, 26 октомври 2023 (МИА) – По иницијатива на група млади, во Виница по првпат е формирано Доброволно противпожарно друштво како волонтерска, хуманитaрна и непрофитна граѓанска организација што ќе помага во гаснење пожари и при интервенции кај елементарни и други непогоди.

Друштвото ќе дејствува на територијата на Општина Виница како поддршка на професионалната противпожарна единица, но ќе помага и на колегите од другите единици во соседните општини од регионот.

-Идејата за формирање на доброволното противпожарно друштво произлезе од потребата да се помогне на заедницата во вонредни ситуации, а евидентно е дека во последните години има зачестени појави на пожар на отворен простор, во шумски предели и во полскиот регион. Иницијативата беше моја, со оглед што имам скоро десетгодишно искуство во Дирекцијата за заштита и спасување, а добив поддршка и од уште неколку млади познаници кои веќе имаат учествувано во спасувачки мисии во склоп на други друштва. Во моментот имаме 19 волонтери, но наскоро ќе објавиме конкурс за пријавување нови членови, по што ќе почнеме со обуки и екипирање на единицата за интервенции, истакна Бранко Ивановски, претседател на ДПД Виница.

Стручна помош за оформување и регистрирање на ДПД Виница дале доброволните противпожарни друштва од Кочани и Свети Николе, како и од Општина Виница и други донатори.

Се очекува наскоро да се обезбеди соодветна просторија како седиште на пожарникарите волонтери, а веќе се остварени контакти со донатори од странство за обезбедување противпожарно возило и интервентна опрема.

Од Друштвото упатија повик до сите заинтересирани граѓани, без разлика на нивниот пол, степенот на образование, етничката и друг вид припадност, кои сакаат да придонесат за зајакнување на општествената одговорност, да се пријават за членство. та/вг/

фото: лого на ДПД Виница

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан