Фон дер Лајен: Односите меѓу Турција и ЕУ се сложени, но се движат напред
- Односите меѓу Турција и Европската Унија се богати, но истовремено и сложени, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара.

Анкара, 17 декември 2024 (МИА) - Односите меѓу Турција и Европската Унија се богати, но истовремено и сложени, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара.
- Денеска ги разгледавме односите меѓу Турција и Европската Унија. Тие се истовремено богати и сложени. Но, едно е јасно: односите се движат напред, рече Фон дер Лајен. Таа додаде дека економските врски меѓу Анкара и Брисел „се посилни од кога било“.
- Минатата година, билатералната трговска размена достигна рекордно високо ниво од 206 милијарди евра. Европската унија е најголемиот трговски и инвестициски партнер на Турција, истакна Фон дер Лајен.
Ердоган повтори дека членството во ЕУ останува стратешка цел за Турција.
- Јасно е дека нашето членство ќе донесе значителни придобивки за обете страни. Последните случувања ја зацврстија позицијата на Турција како клучна земја, потенцираше Ердоган по средбата. ссм/
фото: ЕПА