• понеделник, 23 декември 2024

Фон дер Лајен: Нуклеарната енергија може да обезбеди стабилни цени на струјата 

Фон дер Лајен: Нуклеарната енергија може да обезбеди стабилни цени на струјата 

Брисел, 21 март 2024 (МИА) - По глобалната енергетска криза предизвикана од руската инвазија врз Украина, многу земји имаат нов поглед кон потенцијалната улога што може да ја игра нуклеарната енергија, што е особено важно за остварувањето на климатските цели, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на Самитот за нуклеарна енергија што денеска се одржува во Брисел. 

- Да не заборавиме дека во светот нуклеарната енергија е вториот по големина извор на електрична енергија со ниски штетни емисии, веднаш по хидроенергијата. За да ја зачуваат енергетската безбедност, земјите бараат да ја намалат нивната зависност од увезени фосилни горива, а за да се обезбеди нивната конкурентност, нуклеарната енергија може да обезбеди стабилност за цените на електричната енергија, истакна Фон дер Лајен. 

Таа нагласи дека во ЕУ постојат различни ставови околу нуклеарната енергија, но дека сепак верува оти нуклеарните технологии можат да играат важна улога во транзицијата кон чиста енергија. 

-Повеќето патишта до нето нула емисии оставаат отворен простор за нуклеарната енергија. Во сценариото на Меѓународната агенција за енергија, се предвидува нуклеарните капацитети да се зголеми за повеќе од двојно до 2050 година, а обновливите извори на енергија да го преземаат најголемиот дел од процесот на декарбонизирање на глобалното снабдување со електрична енергија. Проекциите на Европската комисија, исто така, покажуваат дека обновливите извори на енергија во најголем дел се надополнети со нуклеарна енергија и ќе бидат столбот на производството на струја во ЕУ до 2050 година, рече Фон дер Лајен. 

Таа посочи дека во глобални рамки постои тренд пад на уделот нуклеарните технологии на енергетскиот пазар, при што денес од атомски централи потекнуваат само девет проценти од произведената струја, за разлика од 1988 кога тој удел бил 18 отсто. 

- Нуклеарната енергија се уште е најголемиот поединечен извор за производство на струјата во ЕУ со удел од 22 отсто. Но, тој удел е значително под нивото во 90-тите години на минатиот век, кога нуклеарната енергија произведуваше една третина од електричната енергија во Европа, додаде Фон дер Лајен, 

Според неа, за зголемување на придонесот на нуклеарната енергија кон остварување на целта на ЕУ за климатска неутралност, потребно се поголеми инвестиции, помали трошоци на атомските централи, како нејзино користење за затоплување. 

Таа се осврна и на потребата од продолжување на животниот век на постојните нуклеарни централи, како и нивна безбедност, бидејќи проширувањето на нивното безбедното работење е еден од најевтините начини да се обезбеди чиста енергија што може да помогне да се трасира економичен пат до нето нула емисии на штетни гасови. 

- Инвестирајте сега за климатска неутралност во 2050 година, проширете го вашиот ангажман со транзицијата кон чиста енергија, размислете за продолжување на векот на постоечките постројки со целосна посветеност на највисоките нивоа на безбедност и иновации. Ако индустријата и владите можат да ги исполнат овие задачи, тогаш нуклеарната енергија може да даде значаен придонес за брза, безбедна и сигурна иднина, заклучи Фон дер Лајен во обраќањето. 

Организатор на Самитот, на кој учествуваат делегации од 30 држави, експерти и претставници на индустријата, истражувачки центри и на невладиниот сектор, е Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). сп/

Фото: ЕБС

Остани поврзан