• сабота, 15 февруари 2025

Фон дер Лајен: Време е Европа да размислува со „менталитет на итност“

Фон дер Лајен: Време е Европа да размислува со „менталитет на итност“

Минхен, 14 февруари 2025 (МИА) - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека ЕУ мора да развие „менталитет на итност“ кога станува збор за безбедноста и најави олеснување на строгите правила за задолжување за да им се овозможи на европските држави да ги зголемат инвестициите во одбраната.

- Ова ќе им овозможи на членките значително да ги зголемат буџетите за одбрана, изјави Фон дер Лајен на Минхенската безбедносна конференција.

Според постојните правила, буџетскиот дефицит на земјите од ЕУ не смее да надмине 3 отсто од БДП, а јавниот долг не смее да надмине 60 проценти од БДП.

- Мораме да го усвоиме истиот менталитет на итност што го имавме при набавката на вакцини за коронавирусот, истакна шефицата на ЕК.

Таа нагласи дека во моментов европските земји трошат околу 2 отсто од БДП на одбраната, а лани вкупните издатоци се зголемени од 200 на 320 милијарди евра.

- Но, ќе мора значително да ги зголемиме овие инвестиции. Растот од 2% на 3% би значел стотици милијарди евра дополнителни вложувања, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека дел од финансирањето може да дојде од заедничките фондови, вклучувајќи ја и Европската инвестициска банка, која засега не смее да кредитира воени проекти.

Говорејќи за Украина, Фон дер Лајен нагласи дека ЕУ, која досега ѝ помогнала на земјата со 130 милијарди евра, може да обезбеди траен мир заедно со американскиот претседател Доналд Трамп.

- Претседателот Володимир Зеленски е подготвен да работи на мир кој ќе ја почитува жртвата на неговата земја и на неговите сонародници. (Рускиот претседател Владимир) Путин мора да покаже дека нема интерес да го продолжува војувањето и дека се откажал од амбициите за уништување на Украина. Неуспехот на Украина би значел и ослабување на Европа и на САД, заклучи шефицата на Еврокомисијата. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан