• сабота, 18 мај 2024

Фон дер Лален ќе учествува на Самитот на Берлинскиот процес во Тирана 

Фон дер Лален ќе учествува на Самитот на Берлинскиот процес во Тирана 

Брисел, 13 октомври 2023 (МИА) – Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лален в недела ќе отпатува за Тирана, каде што ќе има средби со шефот на албанската држава Бајрам Бегај и со премиерот Еди Рама посветени на преговарачкиот процес на земјата за членство во ЕУ, соопшти главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер на денешниот редовен пладневен брифинг. 

- В понеделник претседателката ќе учествува на Самитот на Берлинскиот процес со партнерите од Западниот Балкан и ќе присуствува на отворањето на Колеџот на Европа во Тирана, додаде Мамер. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во одговор на новинарско прашање зошто Фон дер Лајен ќе ја посети само Албанија, а не и Северна Македонија, кога и двете земји се на исто ниво во процесот на преговори за членство и „секогаш одат заедно“, Мамер изјави дека таа заминува за Тирана за учество на Самитот на Берлинскиот процес.

- Претседателката Фон дер Лајен е целосно посветена на Западниот Балкан и редовно го посетува регионот. Во Тирана таа ќе има билатерални средби со претставници на земјата, како што е планирано, пред објавувањето на годишниот извештај за напредокот. Тоа не значи дека нема да посети и други земји од регионот и ние навремено ќе ве информираме за плановите за посетите, изјави Мемер, додавајќи дека извештајот на ЕК за напредокот на земјите кандидати за членство на нивниот европскиот пат ќе биде објавен на почетокот на следниот месец, најверојатно на 9 ноември. сп/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан