• понеделник, 23 декември 2024

Фискалниот совет со укажувања за Предлог-буџетот за 2025, Обвинителството и Судскиот совет незадоволни од кратењето на средства

Фискалниот совет со укажувања за Предлог-буџетот за 2025, Обвинителството и Судскиот совет незадоволни од кратењето на средства

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Домашната потрошувачка покрај стимулирањето на економскиот раст влијае и врз движењето на цените. Тука е ризикот којшто мора да го имаат предвид носителите на економски политики, да не дојде до забрзување на инфлацијата, предупредуваат од Фискалниот совет во однос на Предлог-буџетот за 2025 година за кој денеска почна комисиската расправа. 

Претседателот на Фискалниот совет Глигор Бишев во своето обраќање пред членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет укажа дека немале можност при носење на буџетот да достават мислења до Владата бидејќи доцна го добиле материјалот.

Во септември и октомври забележа дека инфлацијата во земјава забрзува во однос на еврозоната, кон која имаме фиксен девизен курс, што значи преку фиксниот девизен курс не увезуваме нестабилност, туку го увезуваме движењето на меѓународните цени.

- По тоа се покажува дека во овој период и домашните фактори почнуваат да даваат придонес врз притисокот на цените. Фискалната политика за 2025 година се заснова на раст на буџетските расходи за 10, 5 проценти во однос на растот на номиналниот бруто домашен производ од околу 6,3 проценти. Од тој аспект значи буџетските расходи растат за 3,6 до 3,7 проценти побрзо. Претпоставка во проекциите на МФ е дека тоа позитивно ќе влијае врз економскиот раст, но ќе има и инфлаторни притисоци. Мора да се има добра координација меѓу фискалната и монетарната политика за да се избегне притисокот на цените и натамошниот раст на трошоците по единица производ, нагласи Бишев.

Во Македонија, како што посочи, со години, доминираат социјалните расходи, трансферите и платите и тука се изгради видување инвестиционите расходи да учествуваат барем пет проценти од БДП што Фискалниот совет го поддржува.

- Имајќи предвид дека заклучно со септември годинава овие расходи се реализирани со 50 проценти од проектираното и најверојатно е тешко да се остварат до крајот на годината, предложивме едно правило да усвои Парламентот, а тоа е непотрошените средства за инвестиции да не се пренаменуваат за тековни расходи, туку да останат заштедени и да се користат во инвестиционен фонд за наредниот период. Тоа правило го имаат голем број земји од ЕУ, Велика Британија и Австралија. Најверојатно врз оваа основа најверојатно ќе се оствари нешто понизок буџетски дефицит, истакна Бишев.

Втора препорака на Фискалниот совет, додаде, е буџетските расходи да не растат со повисока стапка од номиналниот раст на БДП. Забележа и дека има голем прогрес со контролата на буџетскиот дефицит изминатите девет месеци.

- За трети квартал остварен е буџетски дефицит од милјарда и 500 милиони денари, а добро е и четврти квартал да оди во таа насока. Најголем дел е резултат од инвестиционите расходи што се реализирани. За 2025 година буџетсткиот дефицит се проектира на 4 проценти иако значително пониско од оваа година, додаде Бишев.

Забелешки за недоволно средства во предложениот буџет имаа јавниот обвинител Љупчо Коцевски и претседателката на Судскиот совет Весна Дамева. 

Според јавниот обвинител Љупчо Коцевски, за идната година не се предвидени дополнителни средства за реализација на предвидените реформи. Тој забележа дека од буџетот им се определени половина средства од законскиот минимум, односно од предвидените 0,4 отсто од вкупниот буџет добивале нешто повеќе од 0,2 отсто.

- Ваквата буџетска рамка не е доволна за покривање на основните потреби на Обвинителството, особено во услови на општ раст на трошоци по сите основи. Како државен јавен обвинител чуствувам обврска да укажам дека проблемот со недостаток на материјални и кадровски ресурси во обвинителството станува алармантен, рече Коцевски.

Забележа дека имаат огромен одлив на кадар, како по основ на пензионирање, така и по други основи. Од предвидените 260 јавни обвинителски места, пополнети биле само 170, а кај јавно обвинителската служба каде по систематизација треба да има околу 1.000 работни места, пополнети се 360. Во поглед на техничката екипираност, кажа дека се соочуваат со застарена опрема, за што немало доволно предвидени средства.

За претседателката на Судскиот совет, значењето од обезбедување финансиска независност е огромно и потребата државата да дозволи судската власт да управува со сопствениот буџет, кој, како што рече, треба да биде 0,8 проценти од бруто домашниот производ, а не 0,3 отсто како што е предвидено во Предлог буџетот за 2025 година е неопходно за успешен реформски процес. Потсети на последниот Извештај на Европската комисија во кој, како што рече, се вели дека се потребни доволно финансиски ресурси за подобрување на ефикасноста и обезбедување на финансиската автономија во судството.

- Се надевам дека извршната и законодавната власт во наредниот период ќе покажат волја за независно и самостојно судство и ќе преземат чекори во таа насока. Доколку се усвои буџетот за 2025 година онака како што е предложен во кој за судската власт се предвидени средства кои не ги исполнуваат ниту потребите за нормално функционирање, ќе биде на штета на граѓаните, бидејќи судовите нема да бидат во можност да испорачаат брза и ефикасна правда, а судството уште една година нема да биде во можност да ја извојува својата финансиска независност и самостојност, рече Дамева.

Таа забележа дека во Предлог буџетот за идната година се обезбедени средства за исплата на плати на постоечкиот број вработени, но не и за исплата на законски предвидените додатоци. За 2025 година очекува согласност за реализација на предвидените вработувања, нагласувајќи дека состојбата со човечки ресурси е алармантна, со недостаток на судии и судска администрација.

- Загрижува намалувањето на буџетот во ставката вложување и нефинансиски средства од каде се обезбедуваат средства за антивирусна заштита на компјутерскиот систем во судството и за постгаранциско одржување на платформата за виртуелизација на новите сервери во судовите и во Судскиот совет, за што се потребни дополнително околу 11 милиони денари, истакна Дамева, нагласувајќи дека безбедноста на компјутерскиот систем во судството е основен приоритет. сс/бак/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан