• недела, 22 декември 2024

Филков: Во моментов сите решенија за Судски совет се на маса и се бара најдоброто решение

Филков: Во моментов сите решенија за Судски совет се на маса и се бара најдоброто решение

Скопје, 7 септември 2024 (МИА) - Министерот за правда Игор Филков, осврнувајќи се на состојбите во Судскиот совет посочува дека тој треба да биде независно тело кое во одлуките ќе се води од индивидуалната дисциплинска одговорност на членовите на Советот.

-Реформите се потребни и како акти, конкретни активности, но и како менување на начинот на опсервирање и перцепција. Ние, Судскиот совет го гледаме како комплетно независно тело кое во одлуките се раководи токму од индивидуалната дисциплинска одговорност на членовите на Советот. Ние апелираме на нивната професионалност и посветеност на законските парадигми и токму во таа насока е и оваа реформа. Затоа, иницираме постигнување независност која што ќе произлезе токму од самите судии и обвинители, тие да ги изберат членовите и да ја понесат моралната, професионална и правна одговорност во тој избор. Во Судскиот совет не треба да влијаат предлозите од владата, од парламентот, од претседателот. Ние даваме простор,  сега Судскиот совет, со самостојни одлуки, прво за својот состав,  да ја потврди својата независност. Дадовме и време, но од нивна страна се уште нема никаков одговор, предлог или одлука. Сметам дека индивидуалната одговорност ќе има многу поголем ефект од колективната одговорност која пак може да не втурне во еден опасен лавиринт од кој ќе биде тешко да се излезе. Но, во моментов сите решенија се на маса и се бара најдоброто,вели Филков, во интервју за Вечер.

Во однос на прашањето, дали претседателката на Судскиот совет Весна Дамева доставила сет предлози за реформи, министерот за правда, Игор Филков одговори дека до овој момент тоа не е сторено, но дека се надева дека во перидот кој следи ќе се најде време за дијалог.

-Потребата за реформи  е очигледна. Нефункционирањето на правосудниот апарат го гледаат и го чувствуваат на своја кожа и граѓаните, посебно оние што се во самиот систем, суштински и правно. Се бараат реформи кои посебно се однесуваат на работата на Судскиот совет, нешто што и ние го увидовме, при евалуација и зголемување на транспарентноста на дисциплинските постапки. Дел од овие реформи се веќе планирани и што од сето тоа ќе биде спроведено, ќе зависи од анализата на  функционалноста како систем. Официјална средба со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, во рамките на Министерството за правда не е направена, но се надевам дека во периодот кој следи ќе се најде време за дијалог, потенцира Филков, пренесуваат од МП. аа/

Фото: Министерство за правда

 

Остани поврзан