• сабота, 23 ноември 2024

Филипче: Изградбата на Клинички е транспарентен процес, помина времето на криминални зделки во здравството

Филипче: Изградбата на Клинички е транспарентен процес, помина времето на криминални зделки во здравството
Скопје, 25 февруари 2021 (МИА) - Конечно треба да сфатите дека криминални зделки на тоа што сте учени веќе нема во нашиот здравствен систем, истакна министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на пратеничко прашање за изградбата на новиот Клинички центар.
-Клиничкиот центар што вие требаше да го правите беа само обични Интерни клиники и требаше да не чинат 120 милиони евра. Ние ги реновираме за не повеќе од 1 милион евра. Замислете колкава разлика е тоа. Договор потпишавте со компанија, која по неколку месеци отиде во стечај, замислете каков договор направила претходната Влада за таканаречениот нов Клинички центар. Нормално е дека го прекинавме договорот. Зошто? Поради тоа што се направи соодветна ревизија на физибилити студијата која беше направена токму од претходната Влада пред повеќе години, која јасно укажува дека гринфилд инвестиција е многу подобро од браундфилд инвестиција за Клинички центар, рече Филипче.
Во тој проект, како што појасни, влезе и се приклучи австриската Влада, лично преку канцеларот Курц и како донација ја ревидираа таа физибилити студија и стигнавме до еден современ и модерен проект на Клинички центар, како што заслужуваат нашите граѓани, нешто што ќе служи во следните децении за да пружи интегриран модел на здравствена услуга.
Министерот за здравство посочи дека е направена физибилити студија со предлог проект, а две најреномирани европски комапнии аплицираа и се квалификуваа во втората фаза на конкурентниот дијалог – германската „Вамед“  и француската „Буиг констракшн“. Едната компанија со одлична експертиза во делот на физичката градба и другата компанија во делот на опремувањето и ставањето во функција на новиот Клинички центар. Филипче истакна дека граѓаните заслужуваат модерен и современ клинички центар и уште еднаш ја повика опозицијата заедно да го сработат овој проект, односно да го поддржат законот.
- Во самиот закон ставивме дека ќе има независен финансиски ревизор заради тоа што сакаме со тој закон да дозволиме деветте компании да дадат една понуда да не ги изгубиме врвните европски компании да ни го пружат своето искуство и можности да направиме конечно Клинички центар како што нашите граѓани заслужуваат. Ве повикувам да бидете дел од тој процес, да бидете дел од процесот којшто го мониторира и го прати изведувањето на проектот. Еднаш да покажеме дека нема разлика помеѓу власта и опозицијата кога станува збор за еден таков важен проект, рече Филипче.
Министерот Филипче потенцира дека целиот процес е јавен и транспарентен, укажувајќи дека помина времето кога големи иновативни компании си одеа од нашата земја.
-Во ваше време заминаа Астра Зенека, којашто сега замислете произведува вакцина, замина Глаксо поради криминалниот увоз на паралелни лекови кога којзнае што носевте и ги труевте граѓаните на Република Северна Македонија, рече Филипче. мд/лв/

Остани поврзан