• четврток, 10 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Фетаи го поздрави конституирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество

Фетаи го поздрави конституирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество

Скопје, 7 април 2025 (МИА) - Вицепремиерот за политики на добро владеење Арбен Фетаи денеска учествуваше на првата седница на новиот состав на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. Со ова, како што се наведува, формално заврши повеќегодишниот бојкот на Советот од страна на граѓанските организации почнат како реакција на непринципиелното распределување на јавните средства од страна на претходната влада.

Како што информира Кабинетот на вицепремиерот Фетаи, тој пред членовите на Советот го потенцира клучното место на граѓанскиот сектор како чувар на демократијата и како конструктивен партнер во креирањето подобри јавни политики.

- Граѓанското општество не е декор на демократијата, туку нејзин активен супервизор – гласот што предупредува кога се јавуваат појави како што се корупцијата и неправдата, истакна Фетаи.

Тој додаде дека Владата има обврска не само да слуша, туку и да дејствува.

- Демократијата е континуиран процес на самокорекција. Вашата улога е суштинска во тој процес, а нашата должност е да го поддржиме тоа учество, рече Фетаи.

Оврнувајќи се на предизвиците со кои се соочува граѓанскиот сектор, Фетаи ги наведе ограничениот пристап до фондови, отсуството на системска поддршка и недоволно функционалната правна рамка.

- Знам што значи да се бараат фондови, да се известува детално за проектите и да се комуницира со институции кои често не нè разбираат, рече Фетаи, додавајќи дека добро организирано и поддржано граѓанско општество има моќ да придонесе за суштински општествени промени.

Во таа насока Фетаи ја нагласи искрената намера на Владата да воспостави суштинска соработка со невладиниот сектор, посочувајќи ја неодамнешната одлука за вклучување претставник од граѓанскиот сектор со право на глас во Меѓуресорското тело за координација на борбата против корупцијата.

Генералниот секретар Игор Јанушев ја потенцираше посветеноста на Владата односите со граѓанските организации да ги гради врз основа на принципите на инклузивност и партиципативно планирање, сигурност и одговорност, отвореност и транспарентност, како неопходни инструменти за градење на еднаквост пред законот и одговорност на носителите на одлуки.

- Во соработка и партнерство со граѓанските организации, со ефикасна и транспарентна работа на седниците на Советот, заедно ќе ја градиме државата како просперитетна, праведна и динамична демократија, истакна Јанушев. 

На седницата за претседател на Советот од редот на членовите на организациите беше избранa Никица Кусиникова од Здружението Конект Скопје, а за заменик претседател на Советот од редот на членовите од органите на државната управа беше избрана Бојана Босилкова од Министерство за правда. мд/са/

Фото: Кабинет на вицепремиерот Фетаи

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан