• понеделник, 25 ноември 2024

Училиштен олимписки ден во Штип

Училиштен олимписки ден во Штип
Штип, 21 март 2022 (МИА) - Во Штип се одржа училиштен олимписки ден на 30-годишнината од основањето на Македонскиот олимписки комитет. Во Општинско основно училиште „Димитар Влахов“ учениците посветија час на спортот, а им беа доделени топки за фудбал, ракомет, кошарка и одбојка. Значење на спортот и спортските активности во своите пригодни говори дадоа и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, и претседателот на Олимпискиот комитет, Даниел Димевски. - Денес сме во училиштето „Димитар Влахов“ во коешто се донира одредена спортска опрема којашто ќе биде од корист на училиштето и на учениците коишто ќе спортуваат овде. Наша обврска како Локална самоуправа е во наредниот период да ја подобриме спортската инфраструктура, да ги подобриме терените на коишто ќе спортуваат овие деца, училишната сала којашто во ваква состојба има потреба од реконструкција. Јас се надевам дека ова е одлична можност за да се стимулираат и мотивираат најмладите генерации и од нив да произлезат големи спортски имиња какви што Штип дал досега во минатото, изјави  Јорданов. Претседателот на Олимпискиот комитет, Димевски истакна дека Штип е спортски град. - Денеска е јубилејот, 30 години откога е основан Македонскиот олимписки комитет, Ден на пролетта и зошто да не симболизира еден одличен нов почеток. Имаме нов, млад, амбициозен градоначалник којшто многу го сака спортот. Сигурен сум дека ќе направи многу за спортот. Штип бил, е и ќе биде спортски град. Имаме многу медалисти, особено во боречките спортови, но сега правиме напор тоа да се пренесе и на другите колективни спортови. Мислам дека Штип ќе има и одлична кошарка, ќе има и фудбал, ќе има и ракомет, ќе има и одбојка, посочи Димевски. Учениците по овој повод се претставија и со лични изработки, односно цртежи со мотиви од спортот и Олимпискиот комитет. Одбележувањето продолжи со трибина во салата на Советот на Општина Штип, каде градоначалникот потенцираше дека штипските спортисти и спортски работници во претстојниот период ќе добијат поддршка од општината од над 15 милиони денари, а финансиските средства ќе се искористат за афирмација на спортот. вдј/вј/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан