• среда, 19 февруари 2025

Училиштата на четири грчки острови, поради земјотресите, ќе останат затворени и следнава седмица

Училиштата на четири грчки острови, поради земјотресите, ќе останат затворени и следнава седмица

Атина, 16 февруари 2025 (МИА) – Поради сеизмичка активност во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, училиштата на Санторини, Иос, Аморгос и Анафи ќе останат затворени следнава седмица, информираше грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговата неделна објава на Фејсбук, јави дописничката на МИА од Атина.

Училиштата се затворени од почетокот на месецов откако се интензивираше сеизмичката активност, а новата одлука е до петок 21 февруари, што всушност значи дека трета седмица сите училишта на четирите грчки острови остануваат затворени.

Мицотакис, неговиот традиционален неделен преглед на Фејсбук, денеска го започнува со земјотресите.

- Научниците веќе зборуваат за појава без преседан, со флуктуации во динамиката, што сè уште не дозволува безбедна процена на неговиот развој. Го следат од минута во минута, оценувајќи ги податоците од ден на ден. Државниот механизам е во состојба на готовност и ги преземаме сите соодветни превентивни мерки, следејќи ги препораките на експертите кои се дел од Комисијата за процена на сеизмичка опасност и за мониторинг на вулканската активност при Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП), напиша Мицотакис.

Надлежните комисии денеска ќе одржат состанок за да ја оценат ситуацијата, додека, пак, грчкиот премиер уште еднаш упати апел до граѓаните да ги следат упатствата, односно да избегнуваат собири во внатрешноста на објектите и да не се приближуваат до напуштени објекти или области со проблеми со стабилноста.

- Безбедноста е на прво место, но со оглед на тоа што продолжувањето на појавата предизвикува финансиска штета на работниците и бизнисите, презедовме специјални мерки за нивна поддршка. Сите бизниси, односно работодавачи од приватниот сектор кои работат во рамките на општина Санторини и општина Аморгос, каде што исто така беше прогласена вонредна состојба, можат да ги суспендираат договорите за вработување на нивните вработени за периодот од 1 февруари до 3 март 2025 година. Вработените со договор за вработување што е суспендиран ќе добијат специјален наменски надоместок од 534 евра, објасни Мицотакис.

Тој посочи дека конкретната поддршка е целосно покриена од државниот буџет, а бизнисите кои ќе ја искористат оваа мерка во конкретниот период не смеат да вршат отпуштања.

Во изминатите најмалку три дена, во близина на Санторини не беа регистрирани земјотреси од пет или над пет степени, иако продолжува сеизмичката активност.

Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот Универзитет од почетокот на серијата земјотреси во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, односно од 26 јануари заклучно со 13 февруари, биле регистрирани над 18.400 земјотреси, од кои над 16.200 биле посилни од еден степен. ср/паг/

Фото: МИА

 

Остани поврзан