• сабота, 21 декември 2024

Учество на министерот Муцунски на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО во Брисел

Учество на министерот Муцунски на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО во Брисел

Скопје, 4 декември 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на вториот ден од НАТО министерскиот состанок, што се одржа во седиштето на Алијансата, во Брисел.

Како што информираат од Министерството, состанокот на ниво на министри за надворешни работи на земјите-членки на НАТО бил посветен на клучни прашања за безбедноста на евроатлантскиот регион во контекст на актуелните безбедносни предизвици.

-Средбата на министрите за надворешни работи на НАТО Алијансата претставуваше одлична можност за преглед на статусот на реализација на одлуките донесени на самитот на НАТО во Вашингтон, како и за дефинирање на приоритетите во рамките на подготовките за претстојниот самит на НАТО во Хаг, што ќе се одржи следната година. Во оваа насока, министерот Муцунски ја подвлече неопходноста од продолжување на креирање политики и ставови кои ќе овозможат соодветен одговор на заедничките предизвици и закани, со цел зачувување на евроатлантската безбедност и стабилност. Од негова страна посебно беше акцентирана потребата за натамошно градење на индивидуалната и заедничката отпорност за одговор на предизвиците од насочените малигни закани и растечките хибридни активности кои се насочени кон нашите општества, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Притоа, министерот Муцунски ја нагласил важноста на регионот на Западен Балкан, кој НАТО го препознава како стратешки значаен, и потенцирал дека НАТО и ЕУ треба да ги зајакнат своите активности за поддршка на европските и евроатлантските интегративни процеси во земјите од регионот. Овие процеси, како што посочил, се најдобриот начин за затворање на безбедносниот вакуум кој би можел да биде искористен од злонамерни актери.

На маргините на состанокот, министерот Муцунски остварил средба со канадската министерка за надворешни работи, Мелани Џоли. На средбата биле потврдени одличните билатерални односи помеѓу двете земји. Соговорниците се осврнале на понатамошниот развој на билатералните односи, со посебен акцент на економската соработка, бизнис релациите и трговската размена, при што ја истакнале значајната улога и придонесот на македонската дијаспора во Канада во овој контекст.

Дополнително, во фокусот на разговорите била и соработката во рамките на мултилатералните организации. Двајцата министри ја изразиле заедничката заложба за натамошно зајакнување на сојузништвото во НАТО, со посебен акцент на заедничкиот придонес за зајакнување на источното крило на Алијансата. сст/дма/

фото Министерство за надворешни работи и надворешна трговија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан